X
 03.02.2020 Наша тема

Бранко од Куманово, самоук тату-мајстор што го освои Минхен

По иницијатива на татко ми, со помош од еден другар, ја направивме мојата прва машинка користејќи електромотор од радиокасетофон, делови од технички молив, жици од гитара и тушеви од книжарница, вели Антевски

Првата машинка за тетовирање ја конструирал сам, по иницијатива на татко му, со помош на другар му - употребил електромотор од радиокасетофон, делови од технички молив, жици од гитара и тушеви од книжарница. Денес зад него стои најпознатиот светски бренд за изработка на опрема за тетовирање.

Бранко Антевски на работното место

Бранко Антевски од Куманово својот талент го усовршувал долги години, во многу земји од светот. Важи за еден од најдобрите мајстори за тетоважи од регионов. Добар показател за тоа е што веќе две години е дел од најдоброто студио во Минхен, каде што живее со својата сопруга и двете деца. Ова е неговата приказна.

- Се сеќавам дека бев многу мал, на околу 5 години, па татко ми за да не му досадувам на седенките со другарите, ми даде за задача детално да нацртам некои животинки. Тој ден откри дека имам талент и до крајот на неговиот живот ме мотивираше да цртам и да се развивам како артист. Не се насочив кон професионално изучување на ликовната уметност зашто немавме доволно финансиски средства да се запишам на Факултет за ликовна уметност - објаснува Антевски.

Моделот и уметничкото дело

Идејата да почне да тетовира дошла случајно, додека му помагал на еден тату-артист во неговото студио.
- Моја задача беше да ги цртам дизајните со слободна рака (free hand), директно на кожата на клиентите. По иницијатива на татко ми и помош од еден другар, ја направивме мојата прва машинка користејќи електромотор од радиокасетофон, делови од технички молив, жици од гитара и тушеви „ротринг“ од книжарница - се сеќава Бранко.

Со еден од најпознатите тату-мајстори во светот, Херберт Хофман (1919-2010)

Тетовирање и сликање (на хартија, платно...) се многу различни работи. Во првиот случај луѓето се „платното“ на кое работат овие уметници. Антевски вели дека во практика разликата е огромна - текстурата на кожата е многу поразлична и покомплицирана за нанесување боја.

- Со остра игла се нанесува бојата која пенетрира директно во вториот слој на кожата, каде што апсолутно нема простор за грешка, нема можност да се избрише и повтори, додека на платно бојата се разлева и се меша едноставно. На кожа мораш внимателно да ги искомбинираш боите уште пред да ја почнеш сликата. Играта со бои и имагинацијата е бесконечна како и на платно доколку знаеш како да го изведеш тоа - објаснува Антевски.

Првпат излегол да работи надвор од Македонија во 2005 година. Дестинацијата била Атина. Следувало крстосување на брод (2007 година) каде што работел како ербраш-артист (airbrush artist). Наредната година заминал да работи на Кипар, каде што останал три години. Во меѓувреме патувал и работел во Шпанија, Германија, Данска… Кога се вратил од Кипар, заминал за Ирска, каде што живеел и работел една година.



- Во 2012 почна мојот постојан престој во Германија, со почести патувања на конвенции низ светот и Guest spot artist гостувања. Во последниве две години сум во Минхен, работам во најдоброто студио и со едни од најталентираните артисти, кои многу ми помогнаа да се усовршам во својот стил. Во меѓувреме добив спонзорство и станав дел од фамилијата на најпознатата фирма за изработка на опрема за тетовирање Cheyenne Professional - раскажува Антевски.

На прашањето кога го достигнал врвот во својата работа, Бранко одговара дека не верува дека зенитот може некогаш да се постигне бидејќи секогаш сака да се развива и искачува погоре од тоа што го достигнал во одреден момент.



Низ годините работел во многу студија, на многу конвенции. Сепак, има моменти што се врежуваат длабоко во меморијата:
- Еден од најдрагите настани ми е кога ги добив моите први награди на конвенција во Ниш бидејќи ги добив за тетоважите на мој многу добар другар, кој е веќе покоен - вели тој.
Исто како и во другите сликарски техники, така и во тетовирањето постојат различни стилови. Антевски низ годините имал можност да работи многу стилови, но одлучил да се развива во два - колорреализам му е специјалност, но многу често работи и неотрадиционализам.



Секоја тетоважа е приказна за себе. Уметничкото дело си заминува со сопственикот во моментот кога е завршено. Антевски вели дека има многу тетоважи што му се драги, но:
- Една од најомилените ми е тетоважата што лично ја дизајнирав за мојата сопруга, но не би ја споделил бидејќи не би сакал никој да ја копира и истетовира на некоја друга личност. Другите слики со задоволство би ги споделил со вас - вели Бранко.



Во моментот живее и работи во Минхен. Сепак, редовно доаѓа во Македонија. На прашањето како се развива оваа супкултура во земјава во однос на годините пред да тргне во светот, тој вели дека тоа подобро го знаат неговите колеги што живеат и работат во Македонија.
- Јас сум долги години во странство, но како што гледам, тату-сцената денес е многу поразвиена и тетовирањето се цени повеќе од порано. Понекогаш размислувам да се вратам во Македонија, носталгијата е секогаш присутна без разлика колку време си надвор од татковината - објаснува Антевски.



Тетовирањето како уметност во Македонија е дел од неформалното образование. На прашањето што би им порачал на младите таленти кај нас што сакаат да се занимаваат со оваа уметност, Бранко вели:
- Точно е тоа дека нема институција која би можела да ги обучи младите таленти како да станат професионални тату-мајстори. Но, тоа не е така само во Македонија, никаде во светот нема таква институција. Ако можат, нека се запишат на Академијата за ликовни уметности, а потоа да одат на обука кај некој од нашите локални тату-артисти кој би ги научил на правилни техники на тетовирање и комбинирање бои.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема