Генетичката анализа на новиот коронавирус покажа дека станува збор за нов патоген различен од САРС и треба да се смета за нов човечки коронавирус, заедно со шесте познати од претходно.
Истражување претставено во едно од најпрестижните медицински списанија - „Лансет“ открива повеќе неочекувани откритија, меѓу другото и тоа дека „2019-nCoV“ е генски посличен на некои други вируси што се наоѓаат кај лилјаците отколку вирусот САРС и дека неодамна влезе во човечката популација.
Треба итно да се открие важна мистерија - кој бил посредникот
Авторите тврдат дека лилјаците не ги заразиле директно луѓето, но дека посредникот е друго животно што веројатно се продавало на пазарот во Вухан. Ова значи дека што поитно треба да се открие за кое животно станува збор за подобро да се разбере понатамошната еволуција, приспособувањето и ширењето на вирусот. Тоа треба да го олесни и забрза развојот на лекови, третмани и вакцини што веројатно би можело да спаси милиони животи. Решението на оваа мистерија е важно за спречување идни транзиции на коронавирусот од животни на луѓе.
Во новото истражување ќе помогне секвенцирањето нови генерации, истражена е генската структура на вирусот, неговото потекло, како и генската поврзаност со слични вируси.
Во работата биле анализирани 9 примероци што се добиени од заболени кај кои е утврдено присуство на вирусот „2019-nCov“.
Што ги изненади научниците?
Научниците ги изненади тоа што резултатите откриле дека сите испитани секвенции меѓусебно се согласуваат со процент поголем од 99,98 отсто, што сугерира на тоа дека вирусот неодамна се инфилтрирал во човечката популација, веројатно од една локација.
- Неверојатно е тоа што секвенциите на „2019-nCoV“ од различни пациенти се речиси идентични. Овој наод посочува дека „2019-nCoV“ потекнува од еден извор во краток рок и е откриен релативно брзо. Но, бидејќи вирусот се пренесува на повеќе лица, ќе биде потребен постојан надзор на настанатите мутации - изјави еден од водечките автори на истражувањето, професор Вејфенг Ши од лабораторијата за етиологија и епидемиологија на заразни болести на Универзитетот „Шандонг“ во Кина.
Резултатите покажуваат дека геном вирусот „2019-nCoV“ околу 88 отсто одговара со два коронавируси што се пренесуваат меѓу лилјаците, кои првпат се идентификувани во 2018 година во Источна Кина.
Генетичарот д-р Драган Приморац за хрватскиот „Индекс“ изјави дека е интересно тоа што „2019-nCoV“ од генски аспект е помалку сличен со САРС отколку што се очекуваше.
- Тој е посличен со двата вируси што се шират меѓу лилјаците отколку вирусот САРС-CoV, од кој во Јужна Кина во 2002 и 2003 година беа заразени повеќе од 8.000 луѓе, а починаа 774 лица во 37 држави, или вирусот МЕРС, кој беше откриен во Саудиска Арабија и уби 858 луѓе, вклучувајќи и 38 лица од Јужна Кина - рече Приморац.
- Со оглед на генската разновидност на вирусите САРС и МЕРС, вирусот „2019-nCoV“ се смета за целосно нов вирус за кој дефинитивно е потврдено дека се пренесува преку човечки контакт - додаде тој.
По сличен пат во организмот
Истражувајќи го протеинот на „шпиц вирусот“ (S) со кој се врзува за човечките клетки, авторите откриле дека „2019-nCoV“ и САРС имаат слични структури, и покрај некои мали разлики. Затоа тие сметаат дека „2019-nCoV“ може да користи иста молекулна „врата“ за навлегување во клетките како и САРС, но напоменуваат дека претпоставката бара потврда.
Откривањето на овој механизам е важно за развој на антивирусни лекови што можат да го отежнат влегувањето или да го блокираат.
Приморац истакнува дека новиот труд, од една страна, нуди нови сознанија, додека, од друга страна, покренува нови прашања на кои предупредуваат и самите автори.
- Прво, осум заболени го посетија пазарот на морски производи Хуанан, додека едно лице никогаш не го посетило пазарот, но било во хотелот близу пазарот, укажувајќи на можноста за пренесување на вирусот кај нас на сосема непознат начин.
Второ, иако лилјаците се сметаат за извор на вирусот, речиси е сигурно дека и други животни се вклучени во пренесувањето на вирусот бидејќи епидемијата првпат била забележана во декември 2019 година, кога лилјаците во најголем број биле во состојба на хибернација, односно зимски сон.
Трето, факт е дека лилјаците воопшто не се продавани, ниту пронајдени во близина на пазарот, што отвора дополнителни прашања.
Ова укажува дека е потребно да се утврди патот на пренесувањето, односно посредникот во преносот на вирусот од лилјаците на човечката популација, што моментално е приоритет и особено загрижува бидејќи бројот на заболени рапидно расте низ светот - рече Приморац за „Индекс“.
Некои експерти ја наведуваат можноста вирусот да се пренесе од лилјаци на луѓе преку змиите за кои се знае дека јадат лилјаци, а се продаваат на пазарот. Други, пак, ги истражуваат сериозните сомнежи за оваа можност, бидејќи досега не е потврдено дека некој коронавирус преминал од влекачи на луѓето и сметаат дека е зголемена
веројатноста пренесувач да е некој цицач, како дивите мачки, кои исто така се продаваат на пазарот.