X
 12.04.2021 Наука

Конечно откриено зошто луѓето слушаат звуци што доаѓаат од поларната светлина

Водејќи се според изреката - каде што има чад, има и оган, волонтери и научници во Финска се обиделе да го докажат или да го побијат митот дека поларната светлина создава звуци.

Стотици години наназад луѓето пријавувале крцкање, пукање или шушкање, особено домородците што живеат на Арктикот, но и жители на Канада, Финска и други северни земји, додека ја набљудувале поларната светлина.

Меѓу некои народи се верува дека аурора бореалис се всушност духовите на нивните предци, а вревата што се слуша е нивното пеење.

Сепак, постојат многу малку научни докази што би посочиле на тоа дека сончевите зраци што се движат во магнетосферата се во состојба да произведат нешто повеќе од слика од зелена, розова и виолетова светлина.

Но, исто како што постојат луѓе кои велат дека виделе видови за кои се претпоставува дека изумреле, а тие луѓе се многу, тогаш тоа е нешто што вреди да се истражува. Така, еден научник вели дека не може да се занемари фактот што луѓето со години ги опишуваат звуците што доаѓаат од поларната светлина, па токму поради тоа вреди да се истражи можноста.

Токму тој научник, Унто Лаин, кој инаку е професор по акустика на финскиот универзитет „Алто“, вели дека и самиот ги слушнал тие благи звуци додека ја набљудувал поларната светлина во Лапонија, па се обидел да изгради хипотеза што би ги објаснила звуците.

Во 2016 година дошол до идеја дека звуците се всушност електрични празнења кои произлегуваат од температурната инверзија, што се случува кога студениот воздух наместо да лебди над земјата, се држи до земјата, па кога топлиот воздух зрачи блиску, се крева за да го покрие студениот воздух на надморска височина од околу 60 до 400 метри - пресврт на нивните нормални позиции.

Кога овој топол воздух се крева, тој носи негативно наелектризирани електрони со себе до дното на инверзијата. Областа на статички електричен потенцијал се шири нагоре кон небото и надолу кон земјата и додека поларната светлина ја бомбардира магнетосферата со позитивно наелектризирани електрони, тие се спојуваат на врвот на инверзијата.

аурора
Фото: Freepik

- Два часа го тестирав материјалот што го снимив во Фискарс во 2013 година. Моделот убаво се вклопи со хипотезата и истовремено ја даде висината на инверзивниот слој, поточно на 70-80 метри - вели професорот.

Ова објаснува зошто луѓето слушаат звуци, како и зошто луѓето што стојат под аурора бореалис не слушаат ништо - бидејќи ако немало температурна инверзија, би биле отсутни електричните услови.

Лаин собирал податоци речиси две децении, поставувајќи три микрофони кои снимале во одредени периоди, но сега неговото истражување инспирирало нов научен проект од опсерваторијата „Ханкасалми“ во Јивскајла, Финска, чија цел е да сними потенцијални звуци на аурора бореалис 24 часа на ден, употребувајќи четири микрофони.

Проектот е финансиран од 200 донатори, како и од европскиот грант за наука.

- Се обидуваме да го слушнеме истиот звук со три или четири микрофони лоцирани на неколку метри оддалеченост. Со мерење на временското задоцнување на секое снимање може да се пресмета тродимензионалната позиција на изворот на звукот или барем насоката кон изворот на звукот - вели Арто Оксанен, претседател на опсерваторијата.




Извор: Good News Network
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука