X
 23.05.2026 Наука

Дали „гниењето на мозокот“ е реално? Научниците ги објаснуваат опасностите од гледањето кратки видеа

Експертите сè повеќе истражуваат како влијаат врз мозокот кратките видеосодржини на социјалните мрежи, на пример, „Тик-ток“, „Инстаграм рилс“ и „Јутјуб шортс“, бидејќи стануваат една од доминантните форми на забава.

Новите истражувања ја поврзуваат претераната консумација на вакви видеа со тешкотии во вниманието, самоконтролата и општо послаби когнитивни функции. Овој феномен, често наречен „brain rot“ (гниење на мозокот), на Универзитетот „Оксфорд“ се опишува како влошување на менталната и интелектуалната состојба поради прекумерна изложеност на содржина што не го стимулира мозокот.

Преглед на повеќе истражувања со речиси 100.000 учесници покажал поврзаност меѓу интензивното гледање кратки видеа и послабата концентрација и контрола на импулсите. Исто така, се наведува поврзаност со зголемени симптоми на депресија, анксиозност, стрес и чувство на осаменост.

Слични анализи на повеќе истражувања заклучуваат дека честото консумирање кратки формати е поврзано со пократок распон на внимание и послаб академски успех, но научниците нагласуваат дека најчесто станува збор за корелации, а не за докажана причинско-последична врска.

Дел од експертите предупредуваат дека е прерано за конечни заклучоци и дека низ историјата често се појавувала морална паника околу нови технологии, од видеоигри до телевизија.

Сепак, тие истакнуваат дека постојат показатели за можни негативни ефекти при претерана употреба и дека сè уште не е јасно кој е најранлив, ниту колку трајни можат да бидат промените.

Во меѓувреме, во САД се бележи раст на дијагнози на нарушување на вниманието и хиперактивност (АДХД), што отвора прашања дали дигиталните навики имаат улога во тој тренд, иако тоа сè уште не е научно потврдено.

Истражувачите се согласуваат дека се потребни уште многу години за целосно разбирање на ефектите, но и дека постојат и позитивни страни на кратките видеа, особено во едукацијата и информирањето.

Клучната порака на повеќето истражувачи е рамнотежата - кратките видеа можат да бидат забавни и корисни, но нивната прекумерна консумација може да доведе до проблеми со вниманието, фокусот и секојдневното функционирање.

Извор: 24sata.hr
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука