Неодамна во Франција ветерот донесе прашина од пустината Сахара. Со прашината донел и повисоко ниво на радијација, според француската невладина организација „Акро“, која го следи нивото на радијација во државата.
Радијацијата не е опасна за здравјето на луѓето, но нејзиното пристигнување во Франција е иронично. Според невладината организација, радијацијата потекнува од нуклеарни тестови спроведени од страна на Франција во алжирскиот дел од Сахара на почетокот од 60-тите години, кога Алжир бил француска територија. „Арко“ тврди дека во Франција „се вратил“ елемент кој е производ на нуклеарна фисија за време на нуклеарни експлозии.
- Радиоактивното загадување, кое доаѓа од далеку, 60 години по нуклеарните експлозии, нè потсетува на повеќегодишното радиоактивно загадување во Сахара, за што е одговорна Франција - изјавиле од организацијата.
Професорот Педро Салазар Карбајо од Универзитетот на Лагуна, Тенерифе, изјавил за „Јуроњуз“ дека во прашината на Сахара понекогаш има калиум 40, што природно се наоѓа во минералите, но и цезиум-137 од нуклеарните тестирања на Франција. Лабораторијата на професорот неодамна објавила истражување за нивото на радијација во прашината донесена во Европа со ветровите минатата година. Во тоа време биле откриени високи нивоа на калиум 40 и цезиум-137.
Фото: Pixabay
Тој додава дека овие нивоа се безбедни, а досега не се најдени алармантно високи нивоа на овие елементи донесени со ветерот. Според него, радонот што произлегува од самата почва најмногу ги изложува луѓето на радиоактивност. Се проценува дека од 5% до 14% од случаите на рак на бели дробови се последица на овој радиоактивен гас што го дишеме, особено во подземни и затворени простории.
Во моментов, ветрот носи прашина од Сахара во делови од Западна Европа, меѓу кои Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и Германија. Ветровите повторно доаѓаат од Алжир, па може да се очекува тие да донесат и радијација со прашината.
Автор: Рафаел Сереседа
Извор: euronews.com