Бројот на пушачи во Франција за една година се намалил за еден милион, соопшти француското министерство за здравство, кое оценува дека цената на тутунот е еден од главните фактори за откажувањето.
Според податоците на министерството, во 2017 година 26,9 отсто од лицата на возраст меѓу 18 и 75 години пушеле секој ден, додека нивниот процент во 2016 година бил 29,4 отсто.
- Овие резултати се охрабрувачки, означуваат промена - истакна министерката Ањес Бузин и додаде дека се надева дека со зголемувањето на данокот тие резултати ќе се одржат.
Една од повпечатливите тенденции е падот на бројот на пушачите меѓу сиромашното население, првпат од 2000 година, се додава во соопштението.
Една од главните цели на министерката е борбата против пушењето. Нејзиниот план е цената на кутија цигари до февруари 2020 година да достигне 10 евра преку повеќе последователни зголемувања на цената.
Фото: Pixabay
Во првото тримесечје од 2018 година продажбата на тутун опадна за 9,1 отсто на годишно ниво. Во март, непосредно по зголемувањето на цената на цигарите за едно евро на кутија, продажбата опадна за околу 20
отсто.