X
 25.06.2020 Живот

Андре Тригано има 94 години, речиси половина век е градоначалник и сака нова победа

Во Франција во март беше одржан првиот круг избори за градоначалници на 36.000 населени места, по што следуваше тримесечна пауза поради коронавирусот. Вториот круг е викендов, а можеби најинтересниот кандидат е Андре Тригано.

- Се надевам дека нема да морам повторно да се извинувам што не починав - оваа реченица шармантниот и духовит градоначалник на Памje, град со 16.000 жители, кој се наоѓа во подножјето на француските Пиринеи, му ја упатил на новинарот Крис Бокман при запознавањето.

Тригано има 94 години и во државна служба е речиси 50 години, но сè уште не планира да се повлече. Тој беше прв на изборите во март и ако во недела победи и во вториот круг, на крајот од мандатот ќе има 101 година.

Има и други градоначалници на таа возраст што и понатаму цврсто се држат за власта, вклучувајќи и еден 98-годишник кој се кандидирал за реизбор во село во близина на Бордо, но никој нема толку живописна приказна како Тригано.

Андре е роден во Париз во 1925 година и бил тинејџер за време на германската окупација на француската престолнина во Втората светска војна. Полицаец ги предупредил неговите родители, еврејски имигранти од Алжир, да бегаат, соопштувајќи им дека Гестапо издал налог за нивно апсење. Тие се сокриле во планините во регионот Арјеж, на југот од Франција, а младиот Тригано му се приклучил на отпорот.

Тој фалсификувал документи за да им помага на сојузничките војници - често соборени пилоти - да пребегаат во Шпанија. Трипати бил уапсен, но некако успеал да преживее. По војната одлучил да остане на југот и да отвори компанија.

Искуствата за време на окупацијата го убедиле дека постои само еден начин да се спречат ужасите од минатото - луѓето од различно потекло и националност да се одведат на одмор.

Неговиот татко и постариот брат пред војната продавале шатори и тој основал камп за летување, а потоа фамилијата добила договор да го снабдува со шатори новоформираниот „Клуб Мед“.

Братот на Андре, Жилбер, набрзо почнал да работи за таа компанија, станувајќи прво нејзин финансиски директор, потоа претседател, а потоа и генерален директор.

Иако „Клуб Мед“ сега е славен по луксузните хотели, во текот на првите 15 години од постоењето гостите престојувале во шатори и сламени колиби.

Андре тогаш помагал во набавката на некои од оригиналните шатори за десет лица, кои ги имало во изобилство по војната во копнена Европа, а покрај тоа биле и евтини.

Идејата била на луѓето да им се овозможат едноставни одмори на сончеви локации. Мантрата на „Клуб Мед“, која ја одобрил Андре, а можеби дури и ја инспирирал, била дека на одмор сите се рамноправни.

Бизнисот со изработка на шатори на фамилијата цветал, делумно благодарение на одлуката на француската држава кон средината на педесеттите да го зголеми платениот одмор на три недели годишно.

Компанијата станала голем играч во индустријата на стока за престој на отворено и карвани, а сето тоа со помош на слоганот од седумдесеттите - Кампување, тоа е Тригано.

Компанијата на Андре во меѓувреме собрала десетина локации за кампување во Франција, Шпанија и Португалија. Заработката му овозможила да состави колекција од 120 класични автомобили.

Но, Тригано почнал сè повеќе да се занимава со политика, претворајќи го ова ќоше на Пиринеите во лично политичко царство.

Тој бил градоначалник на Памје, најголемиот град во Арјеж, цели 25 години. Претходно 24 години бил градоначалник на помал град, а истовремено и пратеник во националниот парламент во Париз.

Тој вели дека неговото лично богатство влева доверба - луѓето помалку се грижат дека ќе се обиде да ја искористи својата позиција за богатење.

Зошто тогаш по сето тоа време поминато во државна служба тој повторно се кандидира?

Тој вели дека сè уште има куп незавршени работи.

- Секоја вечер одам на спиење и се будам наутро со десетина нови идеи за градот - вели тој.

Но, неговите ривали неизбежно ги користат неговите години против него. Двајца со кои разговарал новинарот рекле дека е крајно време да си оди.

Да, направил многу за градот во минатото, вели една од нив, Мерилин Дусат, која држи локална пекарница со 20 вработени, но се претвори во остарен аристократ.

Тоа ја објаснува шегата на Тригано во врска со надежта дека нема да мора да се извинува што не починал.

- Дали звучам лудо? Дали зборувам со смисла? Овие младите, или макар помладите, кандидати мораат да го чекаат својот ред. Кога градите десеткатница не го менувате архитектот по петтиот кат, тоа нема смисла - вели тој.

Андре додава дека учествувал во 19 различни избори, од кандидатура за градоначалник до регионални влади и парламент, и дека изгубил само еднаш.

- Ако некој ја сака мојата работа, ќе мора да се бори за неа - вели тој.

Извор и насловна фотографија: Би-би-си на српски
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот