Има само 25 години, а веќе неколку години им помага на Ромите да се вакцинираат, да се запишат на училиште, да стигнат до матични гинеколози, стоматолози, лекари, лични карти...
Деца што ги немаат примено задолжителните вакцини, жени без матичен гинеколог, возрасни лица кои не посeтуваат стоматолог, матичен лекар, немаат извод на родени, лични карти, здравствени легитимации... Огромни се проблемите со кои се соочува Узирџан Маликовска од Битола, која веќе неколку години работи како здравствен медијатор за Ромите од Битола. Ангажирана е во рамките на проектот што го започна Министерството за здравство во соработка со граѓанскиот сектор со цел надминување на бариерите во комуникацијата меѓу ромската заедница и здравствените работници.
Имунизација на децата што ги пропуштиле задолжителните вакцини
- Секоја година организираме акција за имунизација на децата. Со денови jа посетувам ромската населба и евидентирам невакцинирани деца, а потоа од Центарот за јавно здравје доаѓаат со комбе и сите невакцинирани ја примаат потребната вакцина. Има деца што одреден период со семејствата живееле во западноевропските држави и не примиле неколку дози вакцини, па откако се вратиле тука, родителите ми се обраќаат да им помогнам да ја добијат потврдата за редовните вакцини за да можат да ги запишат децата во основно училиште. Во консултација со главната сестра од школската амбуланта, се договараме невакцинираните деца да ги примат вакцините што им недостигаат и така успеваме да добиеме потврда и да се запишат на училиште - вели Маликовска.
Узирџан Маликовска
Со поставувањето на ромските здравствени медијатори се зголеми бројот на вакцинирани деца, но проблем сѐ уште останува лекувањето на Ромите кои немаат документи за идентификација, па мора да се лекуваат приватно, а повеќето се социјално загрозени.
- Со измените во Законот за издавање лична карта треба да поседуваш имотен лист од куќата во која живееш. За жал, поголемиот број од ромското население немаат легализирани имоти, па поради тоа немаат пристап ни до имотен лист, а со тоа немаат ни право на лична карта и на сите основни потреби, вклучувајќи го и здравственото осигурување. Поради тоа, тие мораат да се лекуваат приватно - вели Маликовска.
Досега учествувала во решавање повеќе случаи на хоспитализирани Роми на кои им била задржана отпусната листа во болниците низ земјава бидејќи не можеле да ја исплатат сумата за лекување. Со правните служби од здравствените установи направиле вонсудска спогодба за исплата на долгот на неколку месечни рати.
Бесплатни гинеколошки прегледи
Проблем се јавува и кај бесплатните превентивни гинеколошки прегледи за бремените жени Ромки, кои се многу малку искористени. Недостигаат матични гинеколози, а има и случаи на незаконската наплата на услуги кај некои од нив иако се бесплатни, а се многу важни за репродуктивното здравје и здравата бременост кај ромското население.
- Бев уредно регистрирана на матичен гинеколог кој почна да ја води мојата бременост. Во почетокот на бременоста, кога и да направев преглед, секогаш ми наплаќаа. Иако бев свесна дека тоа не е во ред, радоста што ја чувствував ми беше поважна и не сакав да се занимавам со правата што ми беа злоупотребувани. На крај решив да се откажам од него и се регистрирав кај друг гинеколог, кој редовно ја следеше мојата бременост без да ми наплати ни еден денар - раскажува Маликовска.
И други Ромки се жалат на дискриминација, наплата на гинеколошки преглед и брис, и тешко успеваат да регистрираат женски матичен гинеколог. Но, секако дека има исклучоци.
- Во координација со организацијата „Хера“ од Скопје многу често правевме бесплатни прегледи на мамографија, гинеколошки прегледи и брисеви во просториите на Здружението „Баирска светлина“ во Битола. Воедно, сум организирала и голем број работилници за едукација на Ромките за важноста на правење гинеколошки прегледи, мамографија, брисеви... За жал, повеќето жени, иако ги информирав за нивните права и нивните бесплатни прегледи, сепак се плашат да им се спротивстават на нивните матични гинеколози затоа што сметаат дека ќе се откажат од нив како пациенти - додава Маликовска.
Од мали нозе е борец за човекови права
Таа има само 25 години, а веќе во средината ја препознаваат како голем борец за правата на Ромите. По професија е медицинска сестра, што одлично се вклопи во нејзиниот ангажман како ромски здравствен медијатор. Несебично помага околу сите проблеми со кои се соочува ромското население.
- Од мали нозе сум активистка во невладини организации чија цел е да ја зајакнат ромската заедница. Завршив средно медицинско училиште и видов оглас на страницата на Министерството за здравство за ромски здравствен медијатор. Знаев дека таа работа е за мене и веднаш се пријавив на конкурсот, па за среќа бев примена. Потоа полагавме за специјализирана диплома за здравствен медијатор и по неколку години се вработив - вели Маликовска.
Во рамките на проектот од 2012 година почнаа со работа 15 здравствени медијатори, а сега бројката се зголеми и достигна дваесет. За Ромите, тие се херои на нашето време.