X
 19.08.2019 Образование

Поблиску до УКЛО: Технолошко-технички факултет од Велес

Технолошко-техничкиот факултет од Велес, како една од високообразовните единици при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ од Битола, обезбедува континуирано образование на висококвалитетен стручен кадар преку квалитетни студиски програми на трите циклуси академски студии од научните подрачја нутриционизам, прехранбена технологија и биотехнологија, надополнето со практична настава и научноистражувачка работа.

Факултетот, преку реализација на наставата на студиските програми, се вклучува во специфичната хетерогена понуда во образовниот систем во едуцирање кадри компатибилни со актуелните барања на општеството и побарувањата на пазарот на трудот.

Технолошко-техничкиот факултет профилира кадри за производство на здрава храна врз основа на нутритивните потреби на луѓето, правилна исхрана, превенција на хроничните болести со елиминирање на нутритивните ризик-фактори, градење на општествената свест за улогата на храната во унапредување на здравјето на населението и кадри кои директно ќе учествуваат во процесите за преработка на храна, развој на нови технологии и прехранбени производи.

fakultet

Технолошко-техничкиот факултет во академската 2019/20 година на идните студенти на прв циклус академски студии им нуди две актуелни и атрактивни студиски програми: Нутриционизам и Прехранбена технологија и биотехнологија во Велес и студиската програма Нутриционизам на дисперзираните студии во Битола. Студиските програми  Нутриционизам и Прехранбена технологија и биотехнологија се четиригодишни програми со 240 кредити.

Судиската програма Нутриционизам овозможува стекнување знаења од науката за храната и исхраната, нутритиентите и нутритивните вредности на храната, диететните ефекти на храната, влијанието на храната врз нормалниот развој и одржување на здравјето, исхраната за посебни категории луѓе (бремени жени, деца, адолесценти, спортисти, стари луѓе..), како и знаења за изготвување и спроведување програми за превенција и сузбивање на болести поврзани со храната и исхраната. По завршувањето на студиската програма студентите се стекнуваат со звање - дипломиран инженер технолог - насока нутриционизам.

Студиската програма Прехранбена технологија и биотехнологија овозможува стекнување инженерски знаења потребни за водење на процесите при преработка на храната, подобрување на постојните процеси во согласност со системот за безбедност и квалитет на храна, креирање нови технологии и производство на нови видови храна со функционални карактеристики. По завршувањето на студиската програма студентот се стекнува со звањето дипломиран инженер технолог - насока прехранбена технологија и биотехнологија.

Дипломираните студенти, во зависност од студиската програма, имаат можност стекнатите знаења и практично искуство да ги имплементираат со вработувањe во прехранбената индустрија, лабораториите за контрола на безбедноста и квалитетот на храната, научноистражувачките лаборатории, во истражувачки и производствени оддели од биотехнолошката, хемиската и фармаколошката индустрија, институциите од јавниот сектор (градинки, училишта, здравствени установи), инспекциски служби за контрола на безбедност и квалитет на храната, Агенција за храна и ветеринарство и други соодветни институции.

На вториот циклус студии Технолошко-техничкиот факултет нуди три студиски програми: Нутриционизам (едногодишни студии), Нутриционизам (двегодишни студии) и Управување со квалитет и безбедност на храна.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование