X
 23.04.2018 Образование

WIN – WIN Форум на УКЛО за соработка на Универзитетот со работодавачите за поквалитетни и поатрактивни студиски програми

Во рамки на работното одбележување на годишнината на основањето на УКЛО, на 27 април 2018 година ќе се одржи Форум за соработка на Универзитетот со работодавачите за поквалитетни и поатрактивни студиски програми со наслов WIN – WIN.

вин вин

Од менаџментот на УКЛО нагласуваат дека идејата за одржување на Форумот не е ни малку случајна. Универзитетот покрај тоа што постои за студентите - за оние што се клучни конзументи на знаењето, е нераскинливо поврзан и со тие за коишто е наменет крајниот производ – работодавачите, вели проректорот за настава, проф. д-р Марјан Ангелески. „Идејата беше на едно место да се вкрстат понудата и побарувачката но и да се идентификува какви знаења, компетенции и квалификации од нашите студенти очекуваат работодавачите со цел ние како академска заедница да ги прилагодиме студиските и предметните програми што подобро истите да се прилагодат на пазарот на труд“. Дека станува збор за важен академски предизвик и современ пристап на поврзување на универзитетската заедница со опкружувањето потврдува и проректорот за наука, проф. д-р Елизабета Бахтовска, којашто нагласува дека покрај креативната форма на соработка со работодавачите и при изборот на насловот на Форумот, УКЛО се раководел од фактот дека, „...од придобивките од реализацијата на Форумот, корист би имале како работодавачите од една страна кои со своите препораки и сугестии ќе дадат насоки за подобрување на квалитетот, но и практичната применливост на студиските програми, и со тоа би добиле квалификувана работна сила согласно нивните потреби, така и наставниот кадар и студентите од друга страна, кои прекувоведување на иновативните методи за опремување на младите луѓе со соодветни знаења, вештини и компетенции ќе дадат производ на пазарот на трудот,(а тоа е студентот), кој лесно ќе најде вработување“.

Во пресрет на Форумот, од УКЛО проректор Бахтовска потенцира дека главната цел е постојано да се одржува и надоградува веќе постоечкиот линк меѓу работодавачите и Универзитетот, но и:

• Да се разменат информации меѓу работодавачите, студентите и универзитетот кои ќе водат кон идентификување на потребите од стручни знаења и компетенции;

• Да се идентификуваат потребите од компетенциите односно знаењата, вештини, квалификации и  способностите што треба да ги поседуваат дипломираните студенти од нашиот Универзитет со цел подобро да се позиционираат на пазарот на труд;

• Да се антиципираат потребите и очекувања на работодавачите што ќе бидат во функција на креирање нови или подобрување и прилагодување на постојните студиски програми за продуцирање конкурентен високо-образован кадар со соодветни компетенции и квалификации со кои би конкурирале на пазарот на труд а сето тоа врз основа на идентификуваните потреби од работодавачите;

• Да се добијат информации за движењето на невработеноста и вработувањата, потребите на работодавачите за работна сила, суфицитарност и дефицитарност на одредени занимања и можности за обезбедување потребни профили на кадри;

Од УКЛО се гордеат со фактот дека на Форумот, студентите ќе  бидат во центарот на вниманието, бидејќи и улогата на студентите на Форумот е од клучно значење.

Нивната вклученост ќе овозможи да се слушне и нивниот глас, да бидат земени предвид и нивните размислувања, но и да ја зацврстат врската меѓу Универзитетот и работодавачите.

На овој начин УКЛО ја втемелува врската со работодавачите, а се во функција на креирање што покомпетитивни високо-образовни кадри. Резултатите од Форумот се очекува да бидат во функција на континуирано подобување на понудата на студиските програми, прилагодување на постојните студиски програми со барањата на пазарот на труд, но и трасирање нови модели на соработка со работодавачите во функција на што побрзо наоѓање работа на студентите по дипломирањето.

Инаку, во работниот дел ќе учествуваат околу 100 претставници, поделени во 13 работни групи, по една работна група за секоја единица на Универзитетот, вкупно 12 и една работна група за научно-истражувачките активности на УКЛО. Секоја работна група ја сочинуваат претставници на наставниот кадар на единицата, претставници на студентите и претставници на работодавачите од областа на едукација на секоја единица. Посебно место заслужуваат и три планирани презентации на истакнати претставници на работодавачите меѓу кои: г-дин Бранко Азески, Претседател на Стопанска комора на Република Макдонија, проф. д-р Глигор Бишев, Претседател на УО на Шпаркасе банка и г-дин Симон Наумоски, Претседател на одборот на директори на Витаминка Прилеп.

Форумот ќе заврши со презентација на заклучоците и препораките од работниот дел.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование