X
 03.03.2024 Наука

Пронајдена микропластика во секоја тестирана човечка плацента, открива истражување

Поминаа повеќе од три години откако научниците првпат пронајдоа микропластика во четири различни човечки плаценти.

Неколку години подоцна, на почетокот од 2023 година, истражувачите објавија дека пронашле микроскопски честички од пластичен отпад во 17 различни плаценти. До крајот на 2023 година во едно локално истражување на Хаваи беа анализирани 30 плаценти донирани помеѓу 2006 и 2021 година и се откри дека контаминацијата со пластика значително се зголемила со текот на времето.

Користејќи нова техника, истражувачите сега идентификуваа ситни честички и влакна од пластика помали од еден микрон во најголемиот примерок на плаценти досега.

Во сите 62 проучувани примероци на ткиво, тимот откри микропластика со различни концентрации. Овие концентрации се движат од 6,5 до 685 микрограми на грам ткиво, што е многу повисоко од нивоата пронајдени во човечката крв.

Никој не знае што ова загадување со пластиката му прави на здравјето на бебето или на мајката. Иако микропластиката беше пронајдена во секој главен орган на човечкото тело, вклучувајќи го и мозокот, не е познато каква закана претставува за здравјето.

- Дозата го создава отровот. Ако дозата продолжи да расте, почнуваме да се грижиме - вели биологот Метју Кампен од Универзитетот во Ново Мексико.

Утврдувањето колку микропластика се акумулира во човечкото ткиво се покажа исклучително тешко со оглед на многу малата големина на овие честички. Со години научниците работат на метод за детекција што може да ја измери масата на овие загадувачи и да ја одреди нивната специфична марка на пластика. Само тогаш може правилно да се процени влијанието врз здравјето.

Новото истражување користи нова техника со висока резолуција за скенирање на пластиката во човечката крв и ткиво. Кога се применила на 62 примероци од плацентата, се открило дека повеќе од половина од пластиката пронајдена во плацентата е полиетилен - најчесто произведената пластика на нашата планета, одговорна за повеќето кеси и шишиња за еднократна употреба.

Други пластични честички идентификувани во плацентата се поливинил хлорид, најлон и полипропилен, од кои сите се стари неколку децении.

Причините за широкиот опсег на концентрации на микропластика пронајдени во човечките органи, вклучувајќи ја и плацентата, во моментов се непознати. Тоа може да се должи на аналитичка грешка или на комбинација од фактори како животната средина, исхраната, генетиката, возраста на мајката и начинот на живот.

Извор: Science Alert
Фото: Garcia et al., Toxicological Science, 2024
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука