Дали сè уште е активен паркингот „Зона А02 - Водно - Локација - Манастир Св. Пантелејмон“, кој има 155 места за паркирање?
Празен паркинг со пет-шест крави кои го обележале просторот со лепешки ќе ве пречека пред комплексот „Македонско етносело“ кај скопското село Горно Нерези, на планината Водно. Во околината не работи ниту еден угостителски објект. Сепак, за еден час паркирање ќе си платите 100 денари. Ова правило важи за автомобилите, не за кравите, иако и тие се паркирани покрај вашето возило.
За изградба на комплексот државата плати повеќе од 6 милиони евра буџетски пари, а веќе шест месеци е заклучен. Од другата страна на паркингот е манастирскиот комплекс со црквата „Св. Пантелејмон“, споменик на културата од 12 век. Од терасата каде што порано имаше ресторан, во долот кон селото Нерези се гледа дива депонија.
Од Градски паркинг - Скопје неколку дена не одговараат на прашањата на Факултети.мк дали сè уште е активен паркингот „Зона А02 - Водно - Локација - Манастир Св. Пантелејмон“, кој има 155 места за паркирање. И за што наплаќаат по 100 денари од час кога сите угостителски објекти се затворени?!
Комплексот „Македонско етносело“ во Горно Нерези беше отворен пред три години. Содржи 12 автентични куќи поместени на површина од 15.000 квадратни метри. Идејата на претходната владејачка гарнитура беше преку 12 типски куќи да се претстават архитектурата во Македонија и културата на живеење преку различни обичаи и занаети. Имаше беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора. Во една од куќите имаше и музејска етнолошка поставка. Беа претставени носии од речиси сите делови на Македонија, накит и занаетчиски техники - филигран, седеф, специфични дејности за ова поднебје. Имаше и фотографии и кратки видеоматеријали поврзани со стопанството, етномузиката, Галичка свадба, обичаите, обредите, ткаење, плетење...
Во комплексот имаше и три тематски ресторани - традиционален, интернационален и паб.
Лани во октомври неколку медиуми објавија дека менаџментот на „Македонско етносело“, инвестиција на Владата вредна 6,5 милиони евра, донел одлука за затворање на комплексот.
Владата во 2016 година, по распишаниот оглас за концесија, ги избра фирмите „Квинс“ и „Тинекс“ да стопанисуваат со комплексот „Македонско етносело“.