X
 17.09.2019 Живот

Не ви е потребен психотерапевт, туку гушкање со крави

Бела е извонреден терапевт благодарение на својот природен талент: смирена е и има трпение до бескрај да слуша за туѓите проблеми, со едно спокојно „му“.

На оддалечено раскошно пасиште на фарма во Њујорк што се простира на 13 хектари земја тригодишната Бела и двегодишната Бони се крави што нудат терапија.

Гушкањето со крави, како што се нарекува оваа практика, подразбира интеракција со животните во форма на чешлање на нивното крзно, гушкање и искрени разговори со нив. Искуството е слично како терапијата со коњи, со една важна разлика: коњите се мирни и главно стојат, додека кравите спонтано можат да легнат на тревата додека пасат, па луѓето можат да им пријдат уште поблиску и да им се придружат на земјата во топла прегратка.

- Гледате колку е тивка? - вели терапевтот Сузан Валерс, која е сопственичка на фармата.

- Тоа е она што го бараме. За луѓето на кои им е потребна терапија и за кравите.

1
Фото: Depositphotos


Сузан Валерс и нејзиниот сопруг Руди се сретнале пред две години во Холандија за време на оваа активност. Во некои делови од Холандија гушкањето крави е дел од поврзувањето на луѓето со селскиот живот.

Една деценија претходно, во 2007 година, оваа брачна двојка го заменила корпоративниот живот за фарма во Нејплс. Гратчето има само 2.500 луѓе, а секоја есен во него се одржува фестивал за грозје.

Во мај 2018 година тие ги купиле Бони и Бела, избирајќи ги поради нивната нежна личност, но и затоа што немаат рогови.

- Голем дел од кравите не одговараат за оваа задача. Многу од нив може да ве избркаат од пасиштето - вели Руди.

Цената на оваа терапија изнесува 75 долари на час за две лица, додека максималниот број на учесници на сесија е четворица.

- Ова не е зоолошка градина. Овие крави си го живеат животот во природа - вели Руди, иако животните сепак се еден вид миленичиња - не се користат за производство, ниту се одгледуваат за месо и млеко.

Секоја сесија е надгледувана од две лица: терапевт, главно Сузан, што може да го следи однесувањето на животните за да има безбедна и позитивна реакција меѓу животните и луѓето, и уште едно лице што се грижи за другите животни на пасиштето.

Ниту еден од нив не е психолог, во што е и поентата: - Низ што и да поминувате, не мора да разговарате за тоа - објаснува Сузан.

Но, целта е иста: посетителите да воспостават доверба, емпатија и поврзаност со кравите и сопствените чувства. Но, како и другите видови психотерапија, нема гаранција дека исходот ќе биде успешен.

Четири посетители, двојка од Силициумската долина и мајка и ќерка од Њујорк неодамна дојдоа на терапија.

Кога Сузан ги однесе на пасиштето 57-годишната Карен Хадсон и нејзината 27-годишна ќерка Џесика Ерколи, прво ги советуваше како да им пријдат на кравите, а потоа им демонстрира успешна метода.

- Прегрнете им го телото за кравите да не се чувствуваат загрозено. Пријдете им на нивните рамена наместо на бедрата. Почитувајте ги нив и нивниот свет и она што сакаат да го прават и она што сакаат да ви го дадат. Бидете смирени. Колку сте поопуштени, толку подобро и за вас и за нив, бидејќи коњите и кравите ги чувствуваат емоциите на луѓето и реагираат на нив - објаснува Сузан.

Колин Кловер, менаџер во „Фејсбук“, во текот на утринската терапија се присетува како неговата свршеница Александрија Ривас има убави спомени на фармата што ја посетувала додека студирала.

Гушкањето со животно тешко 400 килограми на почеток било малку страшно. Но, нервозата исчезнала кога Сузан му објаснила дека треба да замисли дека се гушка со сопственото куче.

Сузан и Руди потоа ги повикаа посетителите заедно да ги нахранат кравите. Додека се спуштаа на земја, животните им го понудија она поради кое поминале толкав пат: можност за топла прегратка.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот