X
 03.04.2024 Технологија

Како да препознаете фотографии и снимки направени со вештачка интелигенција?

Лажните фотографии, видеа и аудиоматеријали се сеприсутни поради порастот и злоупотребата на алатките за вештачка интелигенција, што е најлошото нешто што се случува на интернет во моментов. 

Со таква содржина, која често изгледа толку реално, што на англиски се нарекува и „дипфејк“, односно длабоко лажна содржина во буквален превод, сè потешко ни е да разликуваме вистинска содржина и содржина создадена од вештачка интелигенција. Во продолжение прочитајте како да ги откриете измамите со вештачка интелигенција во форма на фотографии.

Ако сè уште мислите дека лажните содржини не се толку распространети, не заборавајте дека вештачката интелигенција сега се рефлектира и во генераторите на видеоматеријали и слики како „Дал-И“, „Мидџурни“, „Сора“ или „Виндоус дизајнер“, кои им овозможуваат на луѓето без технички вештини многу лесно да создаваат лажни слики и видеа, едноставно со внесување текстуален опис на она што го замислиле во полето за пребарување на чет-ботот.

Иако фотографиите генерирани со вештачка интелигенција на почетокот изгледаат безопасни, тие можат да се користат за разни измами и кражби на идентитет, како и за пропаганда и манипулација со јавното мислење. Во раните денови на дипфејк-содржината технологијата беше далеку од совршена и често оставаше очигледни знаци на манипулација. Јавноста и новинарите посочија на слики со очигледни грешки, како раце со шест прсти или очила со различно обликувани леќи.

Меѓутоа, како што се подобруваше вештачката интелигенција, ова стана многу потешко. Некои препораки за препознавање на овој вид содржина - како што е барањето неправилен начин на трепкање на очите во видеата генерирани со вештачка интелигенција - повеќе не се валидни, вели Хенри Ајдер, основач на консултантската фирма „Латент спејс адвајсори“ и експерт за генеративна технологија.

Сепак, има неколку работи на кои треба да се внимава, според Ајдер.

Класични методи за препознавање содржина генерирана од вештачка интелигенција


Многу фотографии генерирани со вештачка интелигенција, особено од луѓе, имаат електронски сјај, „естетски ефект на измазнување“, што прави кожата да изгледа неверојатно мазна, советува Ајдер. Сепак, тој предупредува дека креативното поттикнување на ботот понекогаш може да го елиминира овој сјај и многу други знаци на манипулација со вештачка интелигенција. Затоа, не би било лоша идеја да ја проверите конзистентноста на сенките и осветлувањето. Честопати субјектот е во јасен фокус и изгледа убедливо жив, но елементите во заднина можеби не се толку реални или обработени.

Друга работа на која треба да обрнете внимание е лицето. Замената на лицата е еден од најчестите методи за создавање дипфејк-содржина. Експертите советуваат внимателно да ги погледнете рабовите на лицето и да се обидете да откриете дали тонот на кожата на лицето се совпаѓа со остатокот од главата или телото и дали рабовите на лицето се остри или заматени.

Ако се сомневате дека е монтирана снимка од личност која зборува, погледнете ја неговата уста. Дали движењето на усните совршено се совпаѓа со звукот? Ајдер, исто така, предлага да ги гледате забите. Дали се јасни или се матни?

Компанијата за сајбер-безбедност „Нортон“ истакнува дека алгоритмите можеби сè уште не се доволно софистицирани за да генерираат поединечни заби, така што недостигот на контури за поединечни заби може да биде добар знак дека содржината е генерирана од вештачка интелигенција.

Исто така, понекогаш контекстот на самата содржина е многу важен. Веднаш размислете дали има смисла она што го гледате. Веб-страницата „Појнтер“ советува дека ако видите јавна личност како прави нешто што изгледа „претерано, нереално или ненамерно“, тоа би можело да биде лажна содржина креирана со вештачка интелигенција.

На пример, дали папата навистина ќе облече луксузна јакна без ракави, како што е прикажано на една позната лажна фотографија? Ако го стори тоа, зарем немало да има дополнителни фотографии или видеа објавени од повеќе луѓе и медиуми?

Вештачка интелигенција која детектира фотографии и видеоматеријали создадени со вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ разви алатка за автентикација, која може да анализира фотографии или видеа и да обезбеди оцена за степенот на манипулација со анализираната содржина. Исто така, „Интел“ има алатка наречена „Фејк кечер“, која користи алгоритми за да ги анализира пикселите на сликата и да утврди дали е вистинска или лажна.

Дополнително, постојат онлајн алатки кои ветуваат дека откриваат лажни материјали ако прикачите датотека или споделите врска со сомнителен материјал. Сепак, некои, како што е „Мајкрософт аутентикатор“, се достапни само за одредени партнери, а не за јавноста. Тоа е затоа што истражувачите, наводно, не сакаат да ги информираат измамниците и да им дадат поголема предност во трката.

Вештачката интелигенција напредува со голема брзина и моделите со вештачка интелигенција се обучуваат за интернет-податоци за да произведуваат сè поквалитетна содржина со помалку мани. Тоа значи дека нема гаранција оти посочените совети за препознавање на содржината генерирана со вештачка интелигенција ќе важат следната година.

Извор: Benchmark.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија