X
 18.03.2020 Живот

Совети од човек што 20 години работи од дома

Одеднаш се најдовте во ситуација да работите од дома – привремено, не поради ваша волја, туку поради коронавирусот. Овој стил на живот не е толку лош. Всушност, може да биде одличен! Насекаде може да најдете многу статии со типични совети како: одредете посебна соба во која ќе работите, не седете во пижами цел ден, зголемете ја комуникацијата со другите инаку ќе полудите. Навистина, доста е!

Околу 80% од мојата кариера работам од дома и мислам дека така е најдобро. Можете и треба да работите на најудобен начин бидејќи така ќе бидете најпродуктивни. Доколку за вас работењето од дома е нешто ново и мислите дека нема да можете да се вклопите, тогаш еве неколку совети.

Размислете како сакате да работите

Доколку се поставите на добар начин, нема да имате потреба да работите како што сте работеле досега. Нема ништо лошо во стариот начин, но запрашајте се: Дали сакам да работам од 8 до 16 секој ден? Или дали да ја распоредам мојата работа? Доколку ги отстраните времето за патување до работа, времето за пауза за ручек и малите паузи за кафе со колегите, можете да ја завршите својата работа за 5 или 6 часа со помали паузи и поголема концентрација.


Бидете достапни за состаноци во истото време, но работата што сами ја извршувате скратете ја на минимално време. По работното време искористете го попладнето да слушате нешто, да играте видеоигри или да читате книга. Не нафрлајте се веднаш на домашните задачи.


Фото: Pixabay
Стекнувањето доверба не е научна фантастика 

Вирусот предизвика многу вработени да имаат поголема доверба меѓу себе. Во нормални околности тоа е првата претпоставка: стравот дека ќе седите дома на кауч цел ден и ќе гледате телевизија. Доколку имате претпоставен кој нема доверба во вас, обидете се вашата работа да го покаже резултатот што го посакувате. Листа со задачи кои треба да се извршат во текот на денот не звучи толку лошо и на тој начин ќе може да се види статусот на секој вработен за секој проект.

Уредувањето е најглавно

Можеби ова е привремена ситуација и наскоро ќе се вратите во своите канцеларии. Меѓутоа, за мене, работењето од дома значи да ја поставам канцеларијата како што јас сакам. Доколку планирате да продолжите да работите од дома, пресметајте колку би заштедиле со тоа што нема да патувате до работа секое утро. Овие пресметки може да ви помогнат во одлуката да инвестирате во вашата домашна канцеларија. Јас, на пример, поставив телевизор да ми биде монитор. На тој начин заштедив многу бидејќи никаде нема да најдете толку добар монитор во продавница за компјутери.

Митот за мешање на приватниот и професионалниот живот

Друг страв на многу луѓе е дека ќе имаат чувство како постојано да се на работа. Доколку некој ви прати е-порака во 20 часот навечер, се чувствувате обврзани да му вратите. Овој проблем повеќе е поттикнат од компанијата отколку од самиот работник. Дури и оние што работат во канцеларија продолжуваат да работат дома поради некој притисок. Во нормални околности, оставете го до следното утро. Никој не очекува да му вратите веднаш.


Фото: Pixabay

Мултитаскингот функционира и е супер

Кога работите од дома, имате чувство дека можете да направите милион работи во еден ден. Искористете го периодов додека сте дома за да направите повеќе активности истовремено. На пример, додека гледате вебинар кој трае еден час, вежбајте на статичниот велосипед. Имате 10 минути паузи меѓу состаноците? Наместо да седите бескорисно на социјалните мрежи, пуштете ја машината за перење алишта. На овој начин правите мала пауза и ќе имате поголема концентрација кога ќе седнете пред компјутерот.

Нема повеќе „болни“ денови

Го знаете чувството што го добивате во недела попладне, знаете дека викендот завршил и дека морате утре на работа? Резултатот на тоа е барање слободен ден. Причината не е дека не ја сакате работата, едноставно патувањето до работа прави да се чувствувате така. Откако почнав да работам од дома, се чувствувам посреќен, имам повеќе енергија и подобро ја завршувам мојата работа. И, секако, не земам денови затоа што не се чувствувам добро. Ова може да бидат тешки времиња доколку не сте навикнати да работите од дома. Но гледајте да ги искористите сите добри работи што доаѓаат со ова и можеби ќе уживате повеќе отколку што сте мислеле.

Автор: Даг Амот
Извор: fastcompany.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот