X
 14.06.2020 Наша тема

„Приказни за добра ноќ на мама Ана“ - дознајте од кого Биби го наследи талентот за раскажување

Алфеј и облаците, Даро не сака да спие, Сонливата Луна, Сонот на бебето змеј, Во земјата на Сончок... ова се само дел од новите приказни на „Светот на Биби“. Овој пат нема да ги раскажува Биби, туку нејзината мајка Ана. Од среда (17 јуни) во 21 часот на јутјуб-каналот на Биби мама Ана ќе ви покаже од кого Биби го наследи талентот за раскажување приказни. 

„Приказните на мама Ана“ ќе содржат десет приспивни приказни кои веруваме дека ќе им бидат од помош на децата полесно да заспијат, а богами и на родителите. Автор е Билјана Црвенковска.

Милозвучниот глас на актерката Сашка Димитровска во улогата на мама Ана ќе го слушаме секоја среда. Ова е проект за најинспиративните битија на планетава, за оние што безусловно ја даваат и шират љубовта, џагорот, смеата. За оние без кои животот не можам да си го замислам - децата, вели Димитровска!

- И како мајка на две машки деца, некако беше природно да бидам мајка и на уште едно преслатко пргаво девојче, и не на уште едно, туку на илјадници деца кои сакаат да слушнат магични, убави, инспиративни приказни. Мама Ана е, всушност, мама Сашка приватно. Топол глас, ведра искрена насмевка и полна со љубов - впрочем како и секоја мајка кон своето дете, мајка која со боење, леснотија, нијансирање, менување на својот глас, на бајковит начин ја доловува магијата на приказната - вели Димитровска.



Радост и задоволство е да се работи со ваков тим од врвни професионалци во својата работа и по долго време конечно некој се обиде да направи нешто вредно за почит за најмилите на македонски јазик, што е години наназад реткост, а е вредно и важно! – додава актерката.

- А за јазикот или на нашиот јазик, треба гласно да се зборува. И не само што Билјана пишува прекрасно, туку ова треба да ги охрабри сите оние што со години ги чуваат во фиоки своите детски соништа напишани на хартија да ги преточат во бајки. Децата бараат и се гладни да слушаат македонски бајки. Се разбира дека е голем предизвик, зашто ова не е проект каде што синхронизирам анимиран филм од српски или англиски. Не, ова е комплетно македонска продукција, каде што сите творат и го вложуваат максимумот, каде што креираме заедно ликови и ги оживуваме. Затоа е вредно да се нагласи дека ова е комплетно македонски производ. Уште еднаш се потврдува дека оваа земја има исклучителни таленти. Убедена сум дека „Светот на Биби“ ќе прерасне во нешто многу големо - вели актерката од Македонскиот народен театар.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема