X
 03.06.2020 Живот

Нова социјална мрежа на која не може секој да се приклучи - потребна е покана

Најпопуларната нова социјална мрежа за 2020 година не е базирана на технолошки пробив или нов уред. На оваа социјална мрежа не постојат споделување, видеа, домашни страници или видеоповици или која било друга сложена активност како што има на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

Во свет во кој новите апликации се обидуваат да станат вирални, оваа апликација има помалку од 2.000 корисници и речиси никој не може сам да се регистрира. Апликацијата не може да се најде во продавниците за апликации на „Епл“ или „Гугл“ и мора рачно да биде инсталирана на телефоните.

Наместо футуристичко лого, иконата на оваа апликација е стара фотографија од Бил Мареј - а единствено она што корисниците можат да го прават е да разговараат, исто како старомодниот телефонски повик.

Сепак, „Клабхаус“, апликацијата за која станува збор, ги воодушеви корисниците како ниедна друга социјална мрежа. За само еден месец стана еден од најпознатите нови производи на Силициумската долина (привлекувајќи познати личности како раперот Вил Ај Ем, актерот Ештон Качер), добивајќи вредност од 100 милиони долари.

- Ја користев 12 часа неделно - вели Шел Монхот, инвеститор во Сан Франциско. - Луѓето се придружуваат, не знаејќи ништо и одеднаш, поминувате неколку часа на ден.

nova mreza
Фото: Pixabay

Најдобриот начин да се опише „Клабхаус“ е како колекција на групни телефонски повици во кои луѓето можат да се вклучат во кое било време. Корисниците се следат едни со други, како и кај другите социјални мрежи, но не постои централна домашна страница или профил. Наместо тоа, корисниците можат да се приклучат во „соби“, форуми каде што луѓето можат да слушаат и да разговараат. Како што опишува еден инвеститор, „Твитер“ во реално време.

„Клабхаус“ можеби има мал број корисници, но покрај холивудските имиња, членови се и некои од најголемите инвеститори на технологијата.

За разлика од „Твитер“, апликацијата строго ограничува на кого му е дозволено да влезе. Сè уште е во бета-верзија, па потенцијалните корисници мораат да аплицираат преку онлајн-форма. Но, сето ова само ја зголеми мистичноста околу апликацијата. И „Фејсбук“ на почетокот бил затворен за сите оние што немале е-адреса од „Ајви“ лигата. И за „Џимејл“ требало да имате „златен билет“.

- Постои убавина во едноставноста на она што е дизајнирано. Нешто што е навидум едноставно има многу влијание. Има многу придобивки од отворената, лабава структура и всушност подобро го рефлектира реалниот живот, како да одите на забава или конференција - велат корисниците.

Силициумската долина полека го прифаќа фактот дека милиони луѓе поминуваат часови слушајќи додека одат и возат наместо да гледаат и читаат.

„Клабхаус“ може да стане центар за аудиоразговори на ист начин како што услугите за блог и „Твитер“ станаа за текст, а „Инстаграм“ за фотографии. Во иднина, луѓето би можеле да плаќаат мала сума за да влезат во виртуелна просторија и да слушаат разговори, исто како што би платиле за стендап-комедија во реалниот свет.

Како функционира мрежата?

„Клабхаус“ функционира така што на корисниците им овозможува да се приклучат во соби за аудиоразговори што исчезнуваат откако ќе завршат. Откако ќе влезат во одредена соба, корисниците се делат на нивоа што ги одредуваат модерадорите. Тие можат да се приклучат во која било соба, да проверат кој зборува или кој слуша и да ја следат таа личност.

Некои сметаат дека ова ја врати спонтаноста на реалните интеракции што исчезнаа со коронавирусот и дека логирањето во апликацијата изгледа како случајна средба со луѓе во кафулиња.

Извор: The Telegraph
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот