X
 07.11.2022 Технологија

Корисниците на „Твитер“ се префрлаат на „Мастодон“. За која социјална мрежа станува збор?

Откако еден од најбогатите луѓе во светот, Илон Маск, го презеде „Твитер“, некои корисници почнаа да бараат алтернативни платформи за социјално вмрежување.

Во овој процес досега најмногу профитира „Мастодон“. Но, што е тоа?

Социјалната мрежа тврди дека сега има повеќе од 655.000 корисници, а повеќе од 230.000 од нив се приклучија минатата недела, откако Маск го презеде „Твитер“.

На прв поглед „Мастодон“ изгледа како „Твитер“ - корисниците на профилот пишуваат објави наречени „тутс“ (toots), на кои може да се одговори, да сe лајкнат и споделуваат, а корисниците може да се следат еден со друг.

Но, оваа социјална мрежа работи на поинаков начин.

Ова е една од причините зошто привлекува нови корисници, но и зошто предизвика конфузија кај новите корисници.

Платформата постои шест години, но ова што ѝ се случува сега не ѝ се случило претходно: се соочува со голем прилив на нови корисници.

Еве краток водич за оваа социјална мрежа.

Првата работа што треба да ја направите кога се регистрирате е да изберете сервер. Ги има многу, и тие се тематски: по земја, град или интереси.

Не е важно на кој сервер сте бидејќи во секој случај можете да ги следите корисниците на другите сервери, но ви дава почетна заедница која е поверојатно да објавува работи што ве интересираат.

Некои од популарните моментално работат бавно поради големиот прилив на корисници.

Рајан Вајлд, кој го води серверот „MastodonApp.UK“ преку неговата компанија „Супериор нетворкс“, вели дека има повеќе од 6.000 нови корисници во период од 24 часа, па морал да ги паузира регистрациите.

Серверот што ќе го изберете станува дел од вашето корисничко име. Ако сте на ист сервер, можете да пребарувате користејќи го името на лицето, но ако сте на друг сервер, ќе ви биде потребна целосната адреса на корисникот.

За разлика од „Твитер“, „Мастодон“ не дава предлози за други чии објави можеби ќе ве интересира да ги следите. Исто така, можете да пребарувате по хаштази.

socijalna mreza
Фото: Wikipedia

Зошто постојат серверите?

Сите овие различни сервери се поврзуваат за да формираат колективна мрежа, но се во сопственост на различни луѓе и организации.

Ова се нарекува децентрализирано, а љубителите на децентрализирани платформи ги сакаат токму поради оваа причина: не можат да бидат управувани по волјата на еден ентитет.

Сепак, негативната страна е што сте зависни од поединец или организација која управува со вашиот сервер, па ако одлучат да затворат, ќе го изгубите вашиот профил.

„Мастодон“ бара сопствениците на серверите да ги известат корисниците три месеци однапред доколку одлучат да ги затворат.

Во моментов, повеќето сервери имаат свои правила за модерирање, но некои немаат. Некои сервери избираат да не се поврзуваат со други кои се полни со ботови или се чини дека имаат голема количина на содржини на омраза - тоа значи дека тие нема да бидат видливи за оние на серверите на кои се блокирани.

Таквите објави може да се пријават кај сопствениците на сервери. Ако се работи за говор на омраза или нелегална содржина, сопствениците на серверот можат да го избришат, но тоа не значи дека ќе биде избришан насекаде. Ова ќе биде голем проблем доколку оваа платформа продолжи да расте.

Дали има реклами?

Реклами нема, иако никој и ништо не ве спречува да напишете пост за промоција на вашата компанија или производ.

За разлика од „Твитер“, „Мастодон“ ви дава можност да ги гледате објавите на другите луѓе во реално време - па додека тие пишуваат нешто, можете да го читате.

Дали оваа мрежа е бесплатна за користење?

Зависи на кој сервер сте.

Извор:  BBC
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија