X
 03.06.2024 Технологија

Дали ги знаете овие трикови во „Гугл мапс“? Испробајте ги веднаш

„Гугл мапс“ е толку популарна апликација што е речиси синоним за навигација. Иако има прилично добри стандардни поставки, ако навлезете подлабоко, ќе отклучите ризница со корисни функции: од подобри насоки за пешачење до анонимен режим.

Секогаш чувајте ја картата свртена кон север

„Гугл мапс“ има тенденција да ја насочи картата во насоката кон која сте свртени. На пример, ако сте свртени кон југ, ќе ја видите јужната страна прикажана на горниот дел од екранот. Ова функционира за некои луѓе, но може да биде многу збунувачко за други. Ако сте некој што сака постојано да му биде северот на горниот дел од екранот, можете да отидете до поставките на „Гугл мапс“ со допирање на сликата на вашиот профил и со избирање „Поставки“.

Потоа изберете „Навигација“ и овозможете ја опцијата „Задржи го север (Keep North)“ на врвот на картата.

Прегледајте ги вашите поставки за навигација

Премногу луѓе доцнеле на својата дестинација затоа што не ги провериле промените што можеби ги направиле во поставките за навигација. На пример, можеби претходно сте побарале од апликацијата да избегнува патарини додека патувате и сте заборавиле на тоа.

На вашето следно патување „Гугл мапс“ ќе ја запомни поставката и може да ве однесе на подолги или помалку безбедни маршрути (во зависност од тоа каде сте). Во некои делови од светот изборот на необична маршрута може да биде фатална грешка. Затоа е најдобро да ги проверувате поставките за навигација пред секое долго патување, особено ако сте на непознато место.

Пред да започнете со патувањето, допрете ја иконата на вашиот профил во „Гугл мапс“ и одете во Поставки > Навигација. Под опциите за маршрута проверете дали се избрани саканите опции. Дефинитивно не сакате да избегнувате автопати или патарини во повеќето случаи, па затоа најдобро е периодично да ги проверувате овие поставки.

Истакнете ги опциите за пристапност

Несоодветните функции за пристапност може да ја направат локацијата непожелна за некои луѓе. Иако „Гугл мапс“ е прилично добар во прикажувањето информации за пристапноста воопшто, можете да направите мала промена во таа насока.

Одете во Поставки > Пристапност и овозможете ја опцијата „Места достапни за инвалидска количка“.

Вреди да се запамети дека апликацијата можеби нема секогаш да има точни информации за пристапност, па затоа е добра идеја однапред да проверите дали вашата дестинација навистина ги има сите потребни капацитети.

Прегледајте ја вашата содржина во „Гугл мапс“

Современите мапи на „Гугл“ имаат пристап до многу информации од вашата сметка на „Гугл“, како што се фотографии, историја на локација и други услуги. Има страница во поставките што ви овозможува да прегледате како овие податоци се прикажуваат во „Гугл мапс“. Одете во Поставки > Лична содржина за да контролирате што може да прикажува апликацијата на вашиот профил.

Паузирајте ја историјата на локација

Ако не сакате да дозволите „Гугл мапс“ да ја чува вашата историја на локација, допрете ја иконата на вашиот профил и кликнете на „Лична содржина“. Скролајте до делот „Историја на локација“ за да отидете до контролите на активност. Допрете го копчето „Исклучи“, веднаш до „Времеплов“, за да спречите „Гугл“ да ги снима вашите локации.

Можете, исто така, да кликнете на „Управување со активноста“ за да ги видите сите претходно зачувани локации и да ги отстраните. Алтернативно, можете да ја задржите вклучена историјата на локација и да кликнете на „Автоматско бришење“, за „Гугл“ да ги избрише тие податоци по три месеци.

Анонимен режим на функционирање

Стандардно, „Гугл мапс“ ќе продолжи да ги снима вашите пребарувања и податоци за локација, освен ако не ја прекинете таа опција. Користењето на режимот инкогнито е брз начин да се запре дел од тоа следење. Допрете ја иконата на профилот и изберете „Вклучи анонимен режим“.

Преземете карти за офлајн употреба

Додека повеќето од нас живеат на места со прилично пристојна интернет-конекција, нашите патувања можат да нѐ одведат до оддалечени места со помалку развиена инфраструктура. Ако планирате патување до рурална дестинација, ќе ви помогне преземањето мапи за офлајн употреба. Нема да ги имаат точните и ажурирани податоци за сообраќајот на кои сте навикнати, но сепак се подобро решение отколку да не вчитате карта и да се изгубите на непознато место.

За да преземате карти, допрете ја иконата на профилот во „Гугл мапс“ и изберете „Офлајн карти“. Потоа допрете „Избери своја сопствена мапа“ и ќе видите намалена карта од местото каде што се наоѓате. Само поместете го синиот правоаголник над областа што сакате да ја посетите и потоа допрете „Преземи“. Можете да користите офлајн карти до 30 дена од датумот на преземање.

Исцртајте правци со повеќе застанувања


На долги патувања можете да додавате постојки по маршрутата. Картата обично ја прикажува најбрзата можна маршрута помеѓу две места, но ако планирате да посетите неколку други точки на патот, додавањето на таа маршрута ќе ви помогне да добиете пореално време на пристигнување.

Прво, отворете „Гугл мапс“ и нацртајте маршрута. Потоа допрете ја иконата со три точки во горниот десен агол и изберете „Додај постојка“. Ова ќе ви овозможи да додадете друга локација. Можете, исто така, да ја повлечете иконата со три хоризонтални линии до секоја станица за да го промените редоследот на запирањата.

Извор: n1info.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија