X
 03.06.2024 Наша тема

Успешно завршена спортската сезона на УКИМ: „Универзитетскиот спорт обединува, се трудиме студентите да ги оттргнеме од телефоните и компјутерите“

Универзитетскиот спорт обединува, придонесува за толеранција и социјализација во општеството, помага да се развијат менталното и физичкото здравје, урива предрасуди и стереотипи, а натпреварите и тренинзите овозможуваат подобро меѓусебно запознавање на студентите од различни факултети.

Според Универзитетската спортска федерација, која на волонтерска основа ги организира универзитетските лиги и го промовира спортот, спортските натпревари помеѓу студентите придонесуваат и кон создавање и јакнење на натпреварувачкиот дух кај самите спортисти, градејќи ги олимписките вредности за создавање здрави млади личности - студенти.



Овој месец успешно се завршија универзитетските лиги за натпреварувачката и академска 2023/2024 година. На натпреварите учествуваа 1.953 студенти и 58 официјални лица од 18 факултети членки на УКИМ, како и студентите од Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ од Скопје, образовна институција која е придружна членка на Универзитетот.
Натпреварите во екипните спортови се одржаа по еднокружен Бергер систем со завршница: четврт-финале, полуфинале и финале.

- Благодарение на големата поддршка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, ректорот, ректорската управа, деканите, менаџментот на УКИМ и Студентското собрание, во техничка организација на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје и Универзитетскиот спортски сојуз на УКИМ, на голема врата продолживме со традиционалните Универзитетски спортски натпревари на УКИМ.



Оваа година од 23 факултети на УКИМ и една придружна членка, учествуваа 18 плус Богословски, значи 19 факултети, што е одлична бројка. Имаме проблем со незаинтересираноста на студентите, во време на дигитализација, само зјапаат во своите телефони, таблети и компјутери и многу ни е тешко да ги извлечеме од аулите и предавалните, но се трудиме.

Втор голем проблем е што мандатот на студентските собранија трае една година. Додека ние ги обучиме координаторите, тие си одат. Доаѓаат нови координатори, некои ги информираат студентите, некои не и тука имаме мал проблем кој бараме начин да го надминеме – истакна Роберт Брсакоски, секретар на Универзитетската спортска федерација на Македонија и секретар на Универзитетскиот спортски сојуз на УКИМ.



По пандемијата универзитетските лиги почнаа од нула и сега веќе се враќаат на претпандемското ниво кога интересот на студентите беше поголем. Студентите на кои било студии, додипломски, магистерски или докторски студии, можат да се натпреваруваат во колективни спортови како мал фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и во индивидуални како куглање, стрелаштво, пинг-понг, шах и тенис.

- Студентите не ги чини ништо додека тренираат и се натпреваруваат, сѐ е покриено од УКИМ од средствата што ги уплаќаат при упис. Важно е да дојдат и да учествуваат, да имаат желба за спорт и да се дружат. Пред почеток на секоја сезона ние им праќаме на координаторите, дали се тоа претседатели на Собранието на студенти или на оние координатори што им се на комисиите за спорт. Добиваат од нас анкетен лист со програма за оваа сезона, но можат да дополнат и некој друг спорт ако има интерес. Документот го викаме намера за учество на кој студентите заокружуваат во кои спортови би сакале да се натпреваруваат. Врз база на нивната желба ние им организираме дополнителни спортови.
Во план ни е да организираме масовен крос на УКИМ и на државно ниво. Атлетиката ни е во план да ја воведеме како пилот-проект - објасни Роберт Брсакоски, секретар на Универзитетската спортска федерација на Македонија и секретар на Универзитетскиот спортски сојуз на УКИМ.



Кога се натпреваруваат на државно ниво, самите универзитети си го покриваат трошокот, а за судии делегати и останати трошоците ги плаќа Универзитетската спортска федерација.
Во последните неколку години натпреварите се организираат во салата „Македонски херои“ на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, додека во останатите универзитетски градови натпреварите се играат во универзитетските сали во Штип, Битола и Тетово.
На 27 мај беа прогласени победниците во сите категории на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, а во октомври ќе се одржи завршницата на државно ниво.
На државно ниво се игра двокружен бергеров систем со бод-систем и на крај се рангираат екипите. На ниво на универзитет се игра по еднокружен бод-систем и елиминација со четврт-финале, полуфинале и финале.



- Победникот на некој од факултетите на УКИМ игра завршница на државно ниво и тој е костур на репрезентацијата на УКИМ, и тој може да се засили со кој било спортист што е студент на УКИМ, а е професионален спортист. Лани победници беа Машински факултет на лигата на УКИМ во мал фудбал и на државно ниво имаа право да се засилат со кој било. Тие ги користеа услугите на професорите од Факултетот за физичко образование. – додаде Брсакоски.



Фото: Универзитетска спортска федерација на Македонија
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема