X
 15.09.2022 Наша тема

Ќе нема кој да се грижи за нашето културно наследство - сѐ помал интересот за студирање етнологија и антропологија

Потребата од дипломирани етнолози и антрополози постои, но таа може и да се создава, низ свесноста за тоа дека етнолозите и антрополозите би можеле да бидат корисни не само во музеи и институции од областа на културата, туку во многу поширок опсег на работни места, кои опфаќаат и невладини организации, медиуми, па дури и приватни компании, вели Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ

Институт за етнологија и антропологија нуди две студиски програми – Етнологија и Антропологија, а од минатата учебна година и Менаџмент и заштита на културно наследство. За жал, бројот на запишани студенти е под нивото што го посакуваме. А причините за ова се сложени, вели професорката Илина Јакимовска, раководителка на Институтот за етнологија и антропологија при ПМФ.

- Генералниот интерес за општествените и хуманистичките науки во државата со години опаѓа веројатно затоа што тие не се сметаат за исплатливи, односно не обезбедуваат можности за брзо вработување. Истовремено, мал број матуранти знаат во што се состојат етнологијата и антропологијата, бидејќи вакви предмети, за жал, не постојат во наставните програми за основно и средно образование - посочува таа.

Минатата година се запишаа 5 редовни и 2 вонредни студенти на Институтот, а годинава уписите се во тек. На 16 е вториот уписен рок и се надеваат дека ќе има барем над 10 студенти.


Проф. д-р Илина Јакимовска

Со информации до повеќе студенти

Оваа ситуација се обидуваат да ја надминат со континуирана и посветена промоција на нивните активности, пред сѐ, на социјалните мрежи.

- Сметам дека иако сме во рамките на Природно-математичкиот факултет, ние сме едни од најангажираните на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од областа на општествените науки кога станува збор за учество во меѓународни и домашни проекти, организирање трибини, промоции и секакви други настани кои не ги промовираат само нашите студии, туку и етнологијата и антропологијата воопшто. Ако ги посетите нашите профили на социјалните мрежи, ќе се уверите дека речиси и да нема месец кога не сме имале проекција на филм, издадена книга, нов број на нашето меѓународно списание „Етноантропозум“, гостување на предавач од странство, работилници за стрип или за ракотворби, ново издание на студентскиот етнографски филмски фестивал ЕТНОФФ, настап на нашиот студентски бенд „Д Ролинг Етнос“... Ова, како и новововедените стипендии за поддршка на кадрите од областа на културното наследство на Министерството за образование и наука, каде што ќе можат да конкурираат и наши студенти со висок просек, ни дава за право да се надеваме дека ситуацијата барем малку ќе се подобри овој уписен рок - посочува Илина.

Не се занимаваат исклучиво со минатото и со руралното


Студентите што се запишуваат на Институтот за етнологија и антропологија често доаѓаат од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ - насока за традиционална музика и пеење, и тие веќе имаат одредени знаења за фолклорот и етнологијата.



- Но и оние што доаѓаат од други гимназии и средни училишта секако имале допир со традиционалната култура, прославата на разни празници, обичаи, културно семејно наследство во форма на предмети (носии, покуќнина) или во форма на раскажани приказни, легенди и практични знаења поврзани со здравјето или со исхраната. Она што ним им е интригантно по завршувањето барем на еден семестар од студиите е дека етнологијата и антропологијата не се занимаваат исклучиво со минатото и со руралното, туку дека на светско ниво, а и кај нас, се изучуваат и истражуваат голем број современи феномени, блиски и на младите. Графитите, на пример, се исто толку културно наследство колку и некој стар охридски чардак, а мотиви од традиционалната музика можат да се сретнат и во некој нов поп-хит. Традицијата е жива и динамична, а не замрзната во времето и во просторот. Сметам дека овие сознанија им отвораат нови хоризонти и во тој момент кога ќе се соочат со поширокото толкување на етнологијата и антропологијата, не само што почнуваат да ги разбираат овие феномени туку и вистински почнуваат да ги засакуваат своите студии - ни споделува нашата соговорничка.

Потребна е поголема и правилна промоција на студиите

На прашањето како да се стимулираат повеќе студенти за запишување и изучување на етнологија и антропологија, таа потенцира дека е важно информирање за она што претставуваат овие дисциплини и она што би можеле студентите да добијат како знаење и како светоглед од нивното студирање.



- Ние, како кадар на Институтот, и не можеме да сториме нешто повеќе. Дополнителна и веројатно клучна стимулација би било доколку тоа запознавање почне многу порано, уште во школските денови, и доколку медиумите помогнат во промовирањето на етнологијата и антропологијата и на нашите активности. Потребата од дипломирани етнолози и антрополози постои, но таа може и да се создава, низ свесноста за тоа дека етнолозите и антрополозите би можеле да бидат корисни не само во музеи и институции од областа на културата, туку и во многу поширок опсег на работни места кои опфаќаат и невладини организации, медиуми, па дури и приватни компании. Квалитативните истражувања за кои е обучен секој со оваа професија овозможуваат објаснување на однесувањата и желбите на клиентите и вработените. Оттаму, голем број познати компании, како Intel, IBM, General Motors, Hewlett Packard или Saatchi & Saatchi вработуваат антрополози. Етнолозите и антрополозите можат да придонесат и во градењето јавни политики, поттикнувањето и помагањето на локални иницијативи, како и во промоцијата на културното наследство, кое оди надвор од стандардните рамки на туристичката понуда. Во последно време етнолозите и антрополозите често се среќаваат и во уметничките кругови, експериментирајќи во областа на дигиталната уметност, филмот и книжевноста, на тенката граница помеѓу фикцијата и реалноста - ни потенцира Илина Јакимовска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема