X
 05.03.2020 Образование

Две нешта што треба да се сменат за иднината на образованието

Дали докторите и инженерите се повеќе слични отколку различни? Новинарката Наташа Сингер од „Њујорк тајмс“ ги поврзала овие две професии во 2018 година.

- Медицината има етика да не се прави штета, пред сè. Но Силициумската долина има спротивна етика: прво изгради, а потоа барај прошка - пишува Сингер.

Поентата на текстот на Сингер е дека новиот пристап кон технологијата може и би требало да почнува со она што го учиме на училиште и на факултет. Како би изгледало тоа образование и како може да стигнеме дотаму? Рамеш Сринивасан, професор на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, во неговата книга „Пошироко од долината“ посочува кон две работи што треба да се сменат во образованието.

Прво, технолошкото образование да биде поповрзано со политичкото, економското, културното и општественото размислување. Второ, разговарање за тоа што мислиме со дизајн и дигитална писменост и начинот на кој го предаваме ова.


Фото: Pixabay

Училиштата и универзитетите треба да ги прошируваат и да ги менуваат своите програми доколку сакаат да ги подготват учениците, односно студентите, за дигитална иднина која ќе биде инклузивна, одржлива и кооперативна. Денес, повеќе образовни системи гледаат на областите од науката и инженерството како на технички наместо општествени науки. Затоа ретко гледаме курсеви во кои софтверскиот дизајн се учи заедно со материјали што ги „разбираат“ примените на софтверот.

Доколку инженерството и технологиите се учат заедно со културните или општествените теми, инженерите побргу би се адаптирале за да размислуваат како нивните системи ќе го променат светот. Би се создавале нови работни места за оние што може да работат истовремено во технички и етички домени.

Процесот почнува во САД. Престижното Здружение за компјутерски машини објавило етички кодекс и листа со предмети за етика во компјутерската наука кои се предаваат на десетици универзитети низ светот.

Образованието треба да ги подготвува студентите за работа, но треба и да ги подготви да бидат креативни луѓе со социјални, етички и креативни потреби. Затоа не е реално да се гледа на науката или технологијата како на посебна наука без да се поврзе со филозофијата, етиката, човековото однесување, политиката и уметностите.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за дизајнот, тој најчесто се гледа како нешто што ги прави алатките поубави и полесни за користење. Но, гениите не работеле во вакуум, изолирани од светот. Нивната експертиза еволуирала како резултат на социјалните визии во нивното време. Соодветно, дизајнот е процес кој може да биде имагинативен и шпекулативен истовремено.

Потенцијалот за дигитална писменост е поврзан со етиката во дизајнот. Писменоста, освен што е способност за читање и пишување, е и капацитет за рефлектирање, анализа и креирање. Тоа е читање книга или напис и размислување за значењето што се крие зад напишаното и зад мислите на авторот. Нашето искуство со интернетот е ставено во сенка поради алгоритмите кои ни ги филтрираат сите информации и ни даваат различен поглед кон светот. Важно е да се учи дигиталната писменост во училиштата за учениците да разберат што навистина се случува и како да го користат интернетот.

Дигиталната писменост е само премин во другите писмености кои потоа мора да ги совладаме за најдобро да ја користиме технологијата. Тука се алгоритамската писменост (разбирање на пристрасностите во системите на вештачка интелигенција или како функционираат пребарувачите), податочна писменост (како/кога/каде се собираат податоците, како се зачувуваат, од кого и со какви ефекти), политичка и економска писменост (кои технологии се во чија сопственост, кои индустрии се обликувани од технологијата и на кој начин, како технологиите го обликуваат јавниот и политички живот и врската помеѓу корпоративните и јавните, односно политичките интереси).

Автор: Рамеш Сринивасан
Извор: weforum.org 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование