X
 29.09.2023 Живот

Вештините што ги стекнуваат студентите на факултет наскоро ќе бидат застарени и непотребни

Во последните години сведоци сме на радикални промени на пазарот на трудот. Од промените поврзани со работа на далечина и употребата на дигитални алатки за кои до неодамна многумина не ни слушнале до примена на вештачката интелигенција која веќе може да извршува задачи за кои на луѓето им требаше многу време да ги совладаат и усовршат.

Ваквите промени, особено оние поврзани со вештачката интелигенција, ќе продолжат и луѓето мора да се приспособат на нив. Но, како што предупредува Крис Хејмс, шеф на „Индид“, веб-страница за барање работа, денешните ученици и студенти  учат вештини кои наскоро ќе станат целосно непотребни поради вештачката интелигенција, која ќе ја извршува нивната работа подобро и поефикасно.

Тој вели дека најновиот технолошки напредок целосно го промени влијанието на многу индустрии во рок од една деценија во споредба со Индустриската револуција која постепено се забрзувала во текот на неколку генерации. Останува да се види какво влијание ќе има вештачката интелигенција на пазарот на трудот, но според некои предвидувања, како она на „Голдман Сакс“, оваа технологија би можела да влијае врз дури 300 милиони работни места во светот, со што дури две третини од работните места во САД и Европа би можеле да бидат делумно автоматизирани поради вештачката интелигенција.

- Вештините што ги учи технологијата уште сега се подобри од оние што доаѓаат од лицата со диплома - вели Хејмс и предупредува на уште еден проблем поврзан со вештачката интелигенција и образованието, а тоа е користењето алатки за вештачка интелигенција како „Чет-ГПТ“ за извршување училишни задачи, пишување есеи и мамење на испити.

Затоа, Тимоти Мејн, професор по пишување на канадскиот колеџ „Конестога“, заедно со уште неколку колеги реши да направи промени во своите предавања, па на студентите им задава задачи во кои сè почесто се бара да опишат некои лични настани, искуства и размислувања за да не користат алатки за вештачка интелигенција.

Извор: Nypost.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот