X
 03.07.2019 Живот

Стартува електронската наплата на патарините на Коридорот 10

Оперативниот центар за мониторирање и безбедност на патиштата од денеска е во функција кај наплатниот пункт „Петровец“, со што стартува и електронскиот систем за наплата на патарините Романовце, Отовице, Сопот и Градско на Коридор 10, како и на наплатната станица Петровец.

Патарината се плаќа со бесконтактни смарт-картички и со микробранови транспортери, а покрај тие опции, одреден временски период останува и можноста за плаќање во готово.

 - Електронското плаќање на патната такса ќе го елиминира застојот на пунктовите за наплата, ќе го забрза протокот на возилата - истакнаа на свеченоста премиерот Зоран Заев, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов.

Првата електронска картичка ја додели премиерот Заев, кој истакна дека на Коридорот 10 е воспоставен систем со врвна технологија што значително ќе ја намали можноста за манипулација.

- Имајќи предвид дека наплатата на патарините веќе ќе може да се врши без запирање на возилото, односно тоа само треба да ја намали брзината на движење и наплатата се врши автоматски, ќе се придонесе и кон зголемување на протокот на возила и комфорот на граѓаните и патувањата. Дополнително корисниците на електронските картички ќе добиваат попуст при секое надополнување - рече Заев.

Еднократниот износ за картичката ќе чини 100 денари и таа ќе се надополнува со најмалку 300 денари, додека таговите, што ќе се поставуваат на предното ветробранско стакло за да може електронскиот систем да ги чита од далечина, ќе чинат 1.200 денари со надополнување преку интернет. При електронското плаќање ќе има попусти од два до седум проценти, а старите цени на патарините ќе важат при плаќање во кеш.

- Картичките и таговите ќе може да се купат на наплатните станици на Коридор 10 и во Контролниот центар во Петровец, по што во наредниот период продажната мрежа ќе се прошири во институции со кои ќе склучиме договори за дистрибуција. Најдоброто нешто е што кога еднаш ќе земете картичка, нема повторно да мора да доаѓате за надополнување, бидејќи има веб-апликација и може сами да ја надополните на телефон - рече Китанов, кој очекува до крајот на годинава 30 до 50 проценти од учесниците во сообраќајот да користат електронски систем на наплата.

Новиот систем за наплата е целосно интероперабилен со наплатните системи во останатите држави. – Тоа значи дека со уредите за електронска наплата (тагови) ќе може во иднина да се плаќа патарина во други држави. Веќе сме во интензивна комуникација со институциите во Европска Унија транспортерите секаде кога ќе патуваат низ Европа да можат да го користат тагот што ќе го набават тука - појасни Китанов.

Преку Оперативниот центар ќе се контролираат сите патарини на коридорите 10 и 8, а со него ќе бидат поврзани и камерите што во иднина треба да бидат поставени покрај сите автопатишта и постојниот контролен пункт во Неготино, кај автопатот Демир Капија – Смоквица и пунктот што ќе се гради кај автопатот Кичево – Охрид.

 - Првично ќе се мониторираат само наплатните станици по што ќе го унапредиме системот да врши контрола и на сите клучки на Коридорите 8 и 10. На овој начин ќе го забрзаме протокот на возила и ќе го унапредиме сообраќајот преку зголемување на безбедноста. Тесните грла, особено во летните месеци, повеќе ќе ги нема - рече министерот за транспорт Сугарески.

Извор: МИА

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот