X
 16.08.2021 Живот

Кризниот штаб оцени дека може да има настава со физичко присуство, се чека одлука од Влада

Главниот координативен кризен штаб (ГККШ) на Владата, почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство, денес донесе предлози, кои како одлуки ќе бидат разгледани на утрешната владина седница, соопштија од Владата.

На предлог на Министерството за образование и наука, на денешниот состанок на ГККШ, воден од страна на премиерот Зоран Заев, било оценето дека се создадени услови почетокот на новата школска година да биде со физичко присуство на учениците, освен за одделни исклучоци, кои ќе бидат стриктно наведени во одлука, која ќе биде донесена на наредната владина седница.

-Во прилог на заклучокот за почеток на училишната година со физичко присуство, според членовите на ГККШ е големиот број на вакцинирани наставници и училиштен кадар (моментално 60 проценти се вакцинирани, а се очекува до септември зголемување до 80% вакцинирани од вкупниот број вработени во училиштата). Во оваа насока се и протоколите изработени од епидемилози, кои веќе се донесени за настава со физичко присуство, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата. На состанокот беше заклучено дека и кај вработените во градинките и останатиот персонал продолжува вакцинацијата, а моменталниот процент е 60 проценти - стои во соопштението.

Во него се додава дека министерот за здравство Венко Филипче ги информирал членовите на ГККШ за состојбата со слободни места во болниците во Тетово и Гостивар, додавајќи дека се подготвени системски планови за формирање дополнителни лекарски тимови во модуларни болници и останати здравствени капацитети во Скопје.

Министерот Филипче изразил задоволство од текот на вакцинацијата кај населението во државата, потенцирајќи дека интересот е зголемен особено по рестриктивните мерки, кои важат од денеска. Било истакнато дека вакцини има доволно и се очекуваат дополнителни дози и во наредниот период.

На состанокот на Кризниот штаб бил донесен заклучок да се предложи разгледување на владина седница на потребата од донесување одлука при влез и излез од Македонија сите граѓани да мора да приложат сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19 (но не подолг период од 45 дена од заразувањето) или негативен ПЦР-тест.

Од Владата додаваат дека на денешниот состанок се разгледувала и можноста покрај задолжителната потврда за извршена вакцинација, за лицата над 18 години при влез во угостителски објекти на отворено да важи и потврда за прележан ковид- 19, за период до 45 дена од заразувањето.

Фото: vlada.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот