X
 15.07.2023 Наука

Сателитите „Старлинк“ емитираат радиобранови кои влијаат врз астрономските активности

Соѕвездијата на сателити кои го преполнуваат орбиталното небо на Земјата моментално ги загадуваат појасите на бранова должина кои би требало да бидат заштитени за радиоастрономијата.

Според новото истражување, електрониката на сателитите „Старлинк“ на „Спејс екс“ пушта радиобранови со ниска фреквенција  што може да влијае врз астрономијата.

- Оваа студија го претставува најновиот напор за подобро разбирање на влијанието на сателитските соѕвездија врз радиоастрономијата - вели инженерот Федерико ди Вруно од опсерваторијата СКА и Меѓународната астрономска унија.

Како што небото на Земјата станува сѐ пополно, така ефектот што го имаат сателитите врз нашето проучување на вселената станува сѐ позагрижувачки. Во моментов „Спејс екс“ има околу 4.365 мали интернет-сателити во орбитата на Земјата, а планирани се уште илјадници. И тоа не е единствената компанија. „Уанвеб“ има над 600, а „Амазон“ планира да лансира уште илјадници почнувајќи од 2024 година.

„Спејс екс“ имаше слух за загриженоста за видливото светлосно загадување, па дизајнира нов, затемнет сателит. Но, видливите бранови должини претставуваат само еден вид астрономија базирана на Земјата. Другиот вид, веројатно многу поголема гранка, е радиоастрономијата и тука може да има голем проблем.

Радиофреквенциите помеѓу 10,7 и 12,7 гигахерци се користат од страна на сателитите за комуникација, барем во Европа. Но, научниците сметаа дека сателитите може да испуштаат ненамерни радиобранови и надвор од тој опсег. Ова е она што Ди Бруно и неговите колеги се обиделе да го истражат.

- Успеавме да детектираме зрачење помеѓу 110 и 188 MHz кај 47 од вкупно 68 сателити што беа набљудувани - вели астрономот Цес Баста од Институтот за радиоастрономија во Холандија.

2
Фото: GMN

Се чини дека оваа емисија е ненамерна и доаѓа од електрониката на сателитите. Исто така, не крши никакви правила. Овде на Земјата, Меѓународната електротехничка комисија поставува строги ограничувања на електричните уреди за контрола на електромагнетните пречки, но тие правила не важат во вселената.

Сепак, веќе се работи на решение. Истражувачите стапија во контакт со „Спејс екс“ за да го намали или отстрани ова ненамерно истекување. И иако веќе има илјадници сателити таму горе, ние сме на почетокот на технологијата на сателитски соѕвездија.

Идните дизајни може соодветно да се приспособат додека регулаторите работат на пополнување на неочекуваната празнина во официјалните правила.

- Оваа студија истакнува пример за различни канали за тоа како развојот на технологијата може да има непредвидени несакани ефекти врз астрономијата. Сега се надеваме на широка поддршка од целата сателитска индустрија и регулаторите - вели астрономот Мајкл Крамер од Институтот за радиоастрономија „Макс Планк“ во Германија.

Извор: Science Alert
Фото: Daniëlle Futselaar/artsource.nl
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука