Пребројте ги вашите благослови, бидете благодарни за она што го имате и секогаш гледајте на добрата страна. Една нова студија спроведена на околу 50.000 постари медицински сестри во САД посочува дека благодарноста е поврзана со дополнителни години на крајот од животот. Студијата е спроведена од истражувачи од „Харвард“.
- Претходните истражувања покажаа поврзаност помеѓу благодарноста и помалиот ризик од ментална вознемиреност и поголемата емоционална и социјална благосостојба. Сепак, нејзината поврзаност со физичкото здравје е помалку истражувана. Нашата студија ги дава првите емпириски докази за оваа тема - вели епидемиологот Јинг Чен.
Учесниците во студијата имале просечна возраст од 79 години кога од нив било побарано да пополнат прашалник во кој се оценувало колку се благодарни за сè во нивниот живот. Истражувачите потоа ги проверувале записите, кои биле собрани како дел од поголем проект, за да видат колку смртни случаи имало до 2019 година.
Вкупно 4.608 луѓе умреле во текот на трите години, но оние што постигнале највисоки резултати на скалата за благодарност имале околу 9 отсто помали шанси да бидат меѓу нив. Оние што покажале поголема благодарност се чинело дека имаат подобри шанси против секоја причина за смрт, но особено против кардиоваскуларните болести.
Иако податоците биле контролирани за фактори како што се социо-демографски податоци, здравствена историја и избор на начин на живот, сепак тоа не е доволно за да се каже дека благодарноста предизвикува подолг животен век - тука се вклучени многу варијабли, како што е оптимизмот. Исто така, можно е луѓето што се поздрави поради други причини да се едноставно посклони кон чувство на благодарност.
- Претходните истражувања покажуваат дека постојат начини намерно да се поттикне благодарноста, како што е запишување или дискутирање за она за што сте благодарни неколку пати неделно - истакнува Чен.
Следно, истражувачкиот тим сака да ја истражи врската помеѓу благодарноста и смртноста кај поголема и поразновидна група на луѓе. Претходните студии покажаа дека луѓето што се благодарни имаат поголема веројатност да се придржуваат до здрави навики, што може да биде една од причините за резултатите од оваа студија. Благодарноста може да ни помогне да ги поттикнеме социјалните врски, кои исто така се поврзани со подолг живот.
- Промовирањето на здравото стареење е приоритет на јавното здравје и се надеваме дека понатамошните студии ќе го подобрат нашето разбирање за благодарноста како психолошки ресурс за подобрување на долговечноста – заклучува Чен.
Извор: sciencealert.com
Фото: Freepik