Ивановски постигна време од 2:21:27 часа, додека Поп Арсова имаше време од 2:40:36 часа, а и двата резултати се нови македонски рекорди. Во машка конкуренција второто место го освои Младен Стевановиќ од БиХ, а трет беше Давид Перлич од Германија. Кај маратонките, второто место го освои Силвија Јукаила од Еквадор, додека на третото место заврши Билјана Кираџиева, а здравствени работници, излекувани пациенти и волонтери трчаа во чест на дарителите на органи.
Здравствени работници, волонтери и излекувани пациенти кои денес учествуваа на Скопскиот маратон своето присуство го посветија на дарителите на органи, ткива и коскена срцевина, со што симболично им се заблагодарија на што со дарувањето подариле живот некому.
Во рамките на Скопскиот маратон, кој се одржува по 17. пат, од 8 часот наутро пред салата „Борис Трајковски“ до 12 часот беше отворен пункт на кој граѓаните можеа да се информираат за пресадувањето органи како можност за лекување и продолжување на животот, како и да се запишат во Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина.
- Кампањата „Биди срцевина, биди херој“ ја организираме трета година по ред, а на Клиниката за хематологија се извршуваат трансплантации на коскена срцевина од 2000 година. Досега наши граѓани донирале на четворица странски државјани, а овој регистар е многу важен за да може полесно да ги најдеме потенцијалните дарители кога и на некој наш граѓанин тоа ќе му биде потребно - рече д-р Злате Стојановски од Клиниката за хематологија.
Во Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина може да се запишат сите граѓани на возраст од 18 до 50 години.
- Дарител може да биде секој што се чувствува здрав и е подготвен да спаси нечиј живот, само со доброволно дарување 5 милилитри периферна крв. Утрово крв даруваа седумдесетина граѓани, со што стануваат потенцијални дарители на коскена срцевина - рече д-р Стојановски.
Сите граѓани што сакаат да станат дел од Националниот регистар на доброволни дарители на коскена срцевина може да го направат тоа секој работен ден и на Институтот за имунологија и хумана генетика.