„Ѝ побарав прошка и ја помилував по главата за последен пат“, се присетува рускиот биолог Алилија Котовскаја на денот кога последен пат се поздрави со
Лајка, пред да ја испратат во вселената.
Уличното куче Лајка се запиша во историјата како првото живо битие што ја напушти Земјината атмосфера и замина на пат без поврат.
На 3 ноември 1957 година СССР лансира сателит во кој беше сместена Лајка со цел да се тестира безбедноста на идните човечки мисии.
„Деветте круга околу Земјата направија Лајка да биде првиот светски астронаут жртвуван за идните мисии во вселената да бидат успешни“, истакнува Котовскаја, која се гордее на својата работа како тренер на Лајка.
Пред Лајка постоеле неколку безуспешни обиди со други кучиња кои летале по неколку минути, само за научниците да стигнат до податоци како тие би се снаоѓале во бестежинска состојба. Сепак, Лајка била првото куче кое навистина било испратено во вселената.
За кучињата да можат да се приспособат на капсулата, која била долга само 80 сантиметри, Котовскаја ги тренирала така што секој втор ден ги преместувала во сè помали кафези. Кучињата го поминувале и тестот под центрифуга, која ја симулирала силата при лансирањето на сателитот, но исто така и бучавата.
Од сите кандидати, токму Лајка, тригодишниот лангач од улиците во Москва, најдобро ги поминала тестирањата.
„Избиравме женки затоа што тие не мораат да ја подигаат ногата при мокрење и така заземаат помал простор. Избиравме скитници затоа што се поснаодливи и не бараат многу“, раскажува Котовскаја додавајќи дека кучињата морале да бидат и фотогенични.
Освен тоа, поради пропагандата, добивале и значајни имиња. Името Лајка доаѓа од рускиот збор кој значи „лаење“. Котовскаја вели дека таа имала исклучителна природа, приспособливост и интелигентно-љубопитен поглед.
„Знаевме дека ѝ е судено да загине при летот затоа што не постоеше начин да се врати назад. Во тоа време такво нешто не беше возможно“ вели таа, додавајќи дека вечерта пред мисијата сите членови на тимот дошле да се збогуваат со Лајка.
Сателитот „Спутник“ бил лансиран во 5:30 по московско време од Казахстан, а во почетокот изгледало дека сè оди според планот.
„При полетувањето работата на срцето на Лајка многу се забрзала, и дури три часа по полетувањето се вратила во нормала. И тогаш, при деветтиот круг околу Земјата, температурата во капсулата почнала нагло да се зголемува и достигнала до 40 Целзиусови степени поради недоволната изолација од сончевите зраци.“
Иако постоела надеж дека Лајка ќе остане жива барем 10 дена, таа починала од топлотен удар и дехидратација по само неколку часа од лансирањето. Руските медиуми, кои постојано пренесувале информации за нејзиното здравје, не ја објавиле вистинската причина за нејзината смрт. Официјалната верзија била дека Лајка починала од отровите што биле ставени во нејзината храна, со цел да се избегне нејзиното страдање при согорувањето во атмосферата. Сателитот со нејзините останки изгорел пет месеци подоцна, на 14 април 1958 година, над Антилите во Атлантскиот Океан.
За советскиот лидер Никита Хрушчов, патувањето на Лајка бил уште еден подвиг кој бил трн во око на Американците. А и пропагандата била одлично темпирана, спроти четириесетгодишнината на Октомвриската револуција, на 7 ноември.
Инаку, првите животни што се вратиле живи од вселената биле двете кучки Белка и Стрелка, кои биле лансирани на 19 август 1960 година и се вратиле еден ден подоцна. Успехот на оваа мисија бил главниот „тригер“ за советските власти една година подоцна да го испратат и првиот човек во вселената – Јуриј Гагарин, во април 1961 година.