X
 15.11.2019 Наука

Огромна термонуклеарна експлозија во вселената: Испуштила повеќе енергија за 20 секунди отколку Сонцето во 10 дена

Пред милиони и милијарди години гигантска ѕвезда во соѕвездието Стрелец, наречена „J1808“, останала без гориво, се срушила под сопствената тежина и експлодирала. Ваквите експлозии се чести во вселената; научниците знаат дека се дел од процесот што ги создава неутронските ѕвезди - најмалите и најгустите ѕвезди во вселената. Она што денес ги заинтригира астрономите во врска со „Ј1808“ е фактот дека таа сè уште експлодира и очигледно ја засипува нашата галаксија со некои од најинтензивните удари на светлина.

На 20 август 2019 година специјалниот телескоп за набљудување на неутронски ѕвезди на Меѓународната вселенска станица сними термонуклеарна експлозија на „Ј1808“, која беше посилна од која било претходно откриена експлозија. Во текот на експлозијата, која траела само 20 секунди, се ослободила повеќе енергија отколку што ослободува Сонцето на Земјата за 10 дена.

- Експлозијата беше извонредна. Гледаме промена во јачината на светлината во два чекора за кои мислиме дека се предизвикани од исфрлање на посебни слоеви од површината на ѕвездите и други функции што ќе ни помогнат во декодирање на физиката на овие моќни случувања - забележува астрофизичарот Питер Булт.

„Ј1808“ е неутронска ѕвезда која ротира исклучително брзо и емитира силно електромагнетно зрачење од двата свои пола.

Слично на црната дупка, силната гравитација на неутронската ѕвезда може постојано да привлекува огромни количини на околната материја што се собираат во огромен вител-диск на работ на ѕвездата. Според авторите на новото истражување, „J1808“ долго време цицала водороден гас од мистериозен небесен предмет со кој дели бинарна орбита.

Се чини дека големата експлозија на 20 август е резултат на долг, едностран однос помеѓу „J1808“ и нејзиниот партнер. Неутронската ѕвезда во последниве години исцицала толку многу водород од својот сосед што гасот станал супертополо, супергусто „море“ што почнало да паѓа навнатре и да ја покрива површината на ѕвездата. Топлината на ѕвездата го загреала морето толку многу, што почнала нуклеарна реакција, поради што водородните јадра се стопиле во јадрата на хелиум. Со текот на времето овој новоформиран хелиум создал втор слој на гас околу површината на ѕвездата, што се протега на неколку метри длабочина.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука