X
 21.11.2020 Живот

Погреби во вселената: Кремирани останки ќе бидат испраќани на Месечината

Ако сè оди според планот, останките на легендарниот писател на научна фантастика Артур Ц. Кларк, ќе бидат однесени на Месечината наредната година. И тоа е сосем соодветно со оглед на тоа што Месечината е дом на измислениот вонземен монолит опишан од Кларк во неговата серија „Вселенска одисеја“, претставен во филмот „2001:Вселенска одисеја“ од режисерот Стенли Кјубрик во 1968 година.

Планирано е роботот „Перегрин“ на компанијата „Астророботик“ во јули 2021 година да слета во област на североисточниот дел на Месечината, наречен Лакус Мортис. Меѓу товарот што ќе го носи роботот ќе има и капсули што содржат симболични делови од кремираните останки и примероци од ДНК, услуга што ја нуди компанијата „Селестис“.

Така, леталото треба да ја однесе ДНК на легендарниот писател Артур Кларк, но и на сите оние што се подготвени да платат 12.000 долари за испраќање на нивната пепел на Месечината.

- Нашата мисија „Луна 02“ и мисијата „Селестис Луна“ им оддаваат почит на оние што сакаат да дадат траен придонес во истражувањето на луѓето и мирна колонизација на вселената. Како што човештвото се шири надвор од границите на една планета, соодветно е да ги носиме и нашите ритуали и споменици - изјави директорот на „Селестис“, Чарлс Чафер.

1
Фото: Celestis, Inc.

Вселенското летало „Перегрин“ треба да носи шест пакети на „Селестис“, а секој пакет содржи од 10 до 13 капсули. Меѓу „патниците“ заедно со Кларк се и британски професор по математика, американски професор по хемија, челичар, директор на авиокомпанија и геологот Марета Вест, која одиграла важна улога во изборот на местото за првото слетување на Месечината. Дел од патувањето ќе биде и пепелта на Лиам Ананд, кој го изгубил животот во несреќа со мотор на 16 години. Еден член од семејството вели: - Сега, Лиам ќе оди на Месечината. Ние, неговото семејство, браќа и сестри, пријатели, само ќе треба да погледнеме кон Месечината и да се насмевнеме.

Резервациите за летот во „Луна 02“, чија почетна цена беше 12.500 долари, во моментов се затворени, а „Селестис“ истакнува дека наскоро ќе има и нови датуми за испраќање кремирани останки на Месечината.

„Селестис“ не е единствената компанија што нуди вакви услуги на Месечината во мисијата „Перегрин“. И компанијата „Елизиум Спејс“ од Сан Франциско ги нуди истите услуги со цена од 9.950 долари за првите 50 учесници и 11.950 долари за подоцнежните резервации.

Извор: Space.com
Фото: Astrobotic Technology Inc.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот