X
 03.11.2018 Живот

Како преживеал Словенецот кој помина 26 часа во море?

Словенечкиот сурфер Горан Јабланов, кој во понеделникот исчезна кај Умаг, а по 26 часа морето го исфрли на плажата Коста деи Барбари, кај местото Систина, на 20-ина километри од Трст, сè уште е во шок, но се чувствува добро, тврди тренерот по сурфање Оливер Биљман, кој контактира со Јабланов.

Јабланов има 47 години и е професор по физичко образование во гимназија во Љубљана. Тој преживеал вистинска драма на море.

- Горан е дома во Словенија. Во средата мораше да се врати во Трст за да објасни како, како странски државјанин, стасал таму. Таква е процедурата. Тој во морето влегол во Умаг, а други сурфери уочиле дека има проблем и веднаш повикале помош. Горан се наоѓал на околу 200 метри од светилникот, односно 800 до 900 метри од брегот. Му пукнал јарболот, а ветрот станал силен. Мене прв ме повикаа да му помогнам, како што се случува во слични ситуации, но тоа беше 40-ина минути пред да се стемни - објаснува Биљман.

Цивилите, а потоа и пожарникарите и полицијата почнале потрага покрај брегот, од Умаг па до Савудрија. Од Горан немало ни трага ни глас. Како што поминувало времето, се чинело дека ова нема да биде авантура со среќен крај, иако во меѓувреме неговиот пријател од Хрватска, со кого одлучил да сурфа во дивите бранови, веќе стасал на брегот. Но, на крајот се случило чудо. Откако поминал 26 часа во морето, препливувајќи 40-ина километри и откако го барале разни итни служби, морето го исфрлило на плажа во близина на Трст.

- Кога успеав да стасав до брегот, имав други проблеми. Првиот беше тоа што не можев многу да одам, немав рамнотежа, па морав да ползам, дојдов полека при себе и отидов до ресторанот, а таму имаше еден лекар кој зборуваше словенечки. Бев дехидриран, па пиев чај за да ја исфрлам солта од мене - изјави Јабланов за Ер-те-ел.

Тој за медиумите сподели како во еден момент помислил дека тоа е крајот на неговиот живот. Раскажа и дека силниот ветар го носел кон Пиранскиот Залив. Борејќи се со здивеното море, низ глава му минувале мисли дека е готово и дека тоа е крајот.

- Видов дека тој ветар ќе ме однесе и тогаш некои 60 или 90 секунди успеав да се држам на штицата со помош на осигурувачите, а кога паднав во морето, го откачив едрото и го врзав за штицата и се држев за него. Еден сурфер ми понуди помош, но не успеавме да го изведеме тој маневар и се откажавме. Размислуваш како да се извлечеш од тоа. Првото нешто што ми падна на памет беше дали ова е моментот во кој морам да ја пуштам штицата и да пливам. Тоа беше дилемата - да пливам или да се држам за неа. Во тој момент ветрот се засили, па го свртев врвот на штицата кон ветрот за помала површина да ми оди директно на брановите - опиша Словенецот.

Биљман објаснува дека во сурфањето на ветар правило е дека треба да се држите за штицата и да не ја пуштате во никој случај бидејќи ако некој треба да ве најде, многу е полесно да ве најде со штицата, која е видлива од авион, брод...

Среќко Шестан, шеф на словенечката цивилна заштита, истакна дека клучна улога во преживувањето на сурферот - освен неговата физичка кондиција и искуството - имал и неговиот неопренски костим за сурфање што го носел и дека тоа го заштитило од смрт.

Во потрагата по Горан учествувале спасувачки тимови од Хрватска, Словенија и од Италија. По него се трагало со пловила, хеликоптери и авиони.

- Горан им е благодарен на сите што му помогнаа. Инаку, тој е скромен човек, нема негови фотографии на интернет бидејќи тој нема ни профил на „Фејсбук“ ни паметен телефон. За среќа, сè заврши добро - вели Биљман.

Тој верувал дека ќе биде така откако 50-ина лица што учествувале во потрагата по Словенецот не нашле ништо на брегот. Поради насоката на ветрот, се претпоставило дека тој е некаде во морето, исклучувајќи ја можноста дека му се случило нешто лошо бидејќи станува збор за силен човек.

Горан од авантурата излегол со само неколку гребеници и без една обувка, која ја загубил. Тој не бил дезориентиран, ниту настинат, бил свесен за сè околу себе и само побарал телефон за да може да ѝ јави на сопругата дека е жив.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот