Морам нешто да признаам.
Иако ракот ми беше трауматичен, не се споредуваше со вознемиреноста што ја почувствував кога сфатив дека бев напуштена, без никакво оправдување, од блиските пријатели во текот на моето лекување.
Кога бев најранлива, бев напуштена од оние што неколку месеци пред ракот беа среќни да ги прослават и споделат убавите моменти на денот на мојата свадба. Каде беа кога времињата станаа тешки?
Можеби сте слушнале за терминот „ghosting“ како честа појава во модерните врски. Тоа се однесува на нагло прекинување на врската и комуникацијата без објаснување. Како личноста да испарува. Во случај како мојот, кога некоја личност е болна од рак, пријателите и семејството навидум губат контакт со вас без објаснување, откако ќе им објасните дека сте болни од рак.
Мислев дека моето искуство е уникатно додека не им се отворив на другите луѓе што се соочиле со рак и се нашле во истата незавидна положба. Формално истражување открило дека 65 отсто од анкетираните луѓе што преживеале рак се соочиле со прекинување на контактите од страна на роднини и пријатели.
Зошто луѓето го прават ова?
Главната причина за прекинување на контактите може да лежи во фактот дека ракот сè уште е стигматизирана болест, особено колоректалниот и гинеколошкиот карцином. Ова го доживеав од прва рака кога видов како колегите од работа незгодно се повлекуваат од мене при споменувањето на мојата дијагноза за рак на грлото на матката.
Ова се некои од причините зошто луѓето почнуваат да исчезнуваат од животот на личноста на која ѝ е дијагностициран рак:
- Луѓето не знаат како да ви помогнат и се загрижени да не ви кажат погрешна работа, па ќе ве вознемират;
- Ракот е вознемирувачки потсетник за човечката кршливост и смртност;
- Луѓето што доживуваат траума може да се чувствуваат неспособни да обезбедат емоционална поддршка на некој друг;
- Луѓето имаат идеја за тоа како изгледа ракот и им е страв да бидат сведоци кога поминувате низ сето тоа.
- Луѓето може да се чувствуваат виновни што живеат среќен живот додека вие страдате. На пример, неколку мои пријателки исчезнаа за време на мојот третман кога останаа бремени. Претпоставувам дека се чувствуваа премногу виновни за да го споделат ова со мене бидејќи отворено планирав семејство пред да ми биде дијагностициран рак.
Фото: Freepik
Последната точка е тешка за сфаќање. Можеби сте прецениле колку ви значи личноста која исчезнала. Вашата тага и фрустрација може да лежат во погрешното мислење за вашата врска.
Сега мора да признаам за моето однесување за време на лекувањето.
Се повлеков и почувствував дека е неопходно да исчезнам, да ги заштитам оние околу мене од траумата што ми ја предизвикуваше мојата дијагноза и третманот. Мислев дека исчезнувањето ќе ги подготви луѓето за мојата загуба ако третманот е неуспешен (ова беше мојот морбиден начин за справување со ситуацијата!).
Кaко да одговорите ако некој исчезне од вашиот живот без објаснување?
Ова е ваше патување и само вие го знаете вистинскиот начин да се движите низ него.
Направете го она што треба да го направите за да се заштитите.
Ако некој одговорил на вашата дијагноза за рак со заминување и исчезнување, не се обидел со каква било форма на комуникација, тогаш слободно можете да се откажете од врската. Тешко е да се откажете од некој во кој сте емоционално вложени, дури и ако ве повредил. Ако треба да заминете, дајте си дозвола да жалите за загубата пред да продолжите понатаму.
Сфатив дека е корисно да размислувам со помош на наративот од „Тие не се грижат за мене“ во „Тие не можат да ми го обезбедат она што ми треба од врската“.
Дали можете повторно да бидете пријатели со таквата личност?
Ако врската значи многу и сакате повторно да се поврзете, секогаш би можеле да го направите тоа кога ќе се чувствувате доволно силни. Земете длабок здив и водете го тој искрен, но тежок разговор и не заборавајте да поставите граници кои ќе ги почитуваат вашите потреби.
Наместо да ја фокусирате скапоцената енергија на оние што исчезнале од вашиот живот, фокусирајте се на оние што никогаш не ве напуштиле или побарајте ново племе од неверојатната заедница за рак. Имате право да бидете прифатени такви какви што сте.
Мојата скапоцена мрежа од семејството и пријателите е зајакната по ракот. Можеби ја немам истата пријателска група што ја имав пред ракот, но знам дека сум со луѓето со кои треба да бидам.
Според зборовите на далај-лама: „Недобивањето на она што го сакате понекогаш е среќа.“
Автор: Кристи Ходџсон
Фото: Freepik