X
 03.11.2019 Технологија

Хидроцентрала постара од сто години станува рудник за криптовалути

Американската федерална регулаторна агенција задолжена за енергетиката даде одобрение електрана во сојузната држава Монтана да се спаси од рушење и да се пренамени за копање криптовалути.

Хидроцентралата „Олд Реинбоу“ е изградена во 1910 година во американската сојузна држава Монтана, а не е во функција од 2013 година. Нејзиниот сопственик - електроенергетската компанија „Норт Вестерн енерџи“ - ѝ предложи на надлежната американска федерална енергетска комисија овој голем објект на реката Мисури да се сруши или да се пренамени за некои помодерни и побарани цели.

За среќа на старата градба, неодамна било пронајдено решение. Прифатен е предлогот на калифорниската софтверска компанија „Састин“ во зградата да се смести голем податочен центар кој ќе работи на блокчејн-технологија и копање дигитален имот. Со други зборови, во напуштената електрана ќе се копаат криптовалути и ќе се процесираат блокчејн-трансакции.



Дел од зградата ќе биде наполнет со компјутерски системи, додека надворешноста ќе остане недопрена. На местото каде што биле старите далноводи сега ќе има кабли со кои овој центар ќе се поврзе на интернет. Податочниот центар ќе работи 24 часа на ден 365 дена во годината, а јавноста нема да има пристап.

Со ова решение се задоволни и во локалната заедница, како и во регионалната канцеларија за чување на историското наследство бидејќи е избегнато рушење на оваа историска градба. Електраната, според нив, е основната причина поради која градот Грејт Фолс воопшто постои, па таму се многу возбудени поради тоа што таа сега ќе биде дом на нова и модерна индустрија со голем потенцијал. Се надеваат дека овој проект ќе донесе и отворање на работни места за помладото локално население.

Засега не е важно какви криптовалути ќе се копаат, ниту која е планираната компјутерска сила што ќе биде инсталирана. Студеното време во Монтана секако би требало да придонесе за поефикасно ладење на објектот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија