X
 03.12.2017 Култура

Сиоран: „Не е сѐ изгубено кога сме незадоволни од себе“

Ако кој било е апсолутно промашување, тоа сум јас.

Поседувам негативна храброст, храброст против себе самиот. Го насочив својот живот надвор од патот што ми го определи животот. Ја осакатив мојата иднина.

Огромна е мојата предност над смртта.

Јас сум филозоф-врескач. Моите мисли...лаат; не објаснуваат ништо, само галамат.

Целиот живот го посветив на култот на големите моќници, кои се потонати во крв и грижа на совест. Залутав меѓу Зборовите од немоќ да ги убијам или да ме убијат. Таа немоќ, тој кукавичлук од мене создадоа пискарало.

Сите мои противречности произлегуваат од тоа дека животот не може да се сака повеќе отколку што јас го сакам, а истовремено речиси непрекинато имам чувство на неприпаѓање, егзил, напуштеност. Наликувам на стрвник кој го изгубил апетитот, мислејќи на гладот.

На мојата неспособност за живот еднаква е само мојата неспособност да заработувам. Парите не се лепат за мојата кожа. Стигнав на возраст од четириесет и седум години, а никгаш не сум имал стабилен приход. Не можам ништо да мислам преку термините на парите.

Еден американски издавач на пропатување низ Париз ми пишува дали може да ме посети во канцеларијата. Мојата канцеларија! Нешто од што може да ме фати мачнина за сите времиња. Кон телефонот, атомобилот, пред која било машина чувствувам неподносливо гадење и ужас. Сè што произвел техничкиот гениј ми влева речиси свет страв. Чувство на непоколебливо неприпаѓање пред сите симболи на модерниот свет.

Веќе дваесет и пет години живеам по хотели. Тоа е предност: никаде не е за постојано. За ништо не се грижите, живеете живот на минувач. Чувство дека секогаш сте за заминување, перцепција на сосема привремена реалност.

Се чувствувам надвор од сите текови, надвор од она што го нарекуваат сè. Мора да сум проколнат. Маѓепсан. Ме држат. Но кој ме држи?

Господине, зошто немам дарба за молитва? Никој на светот не е поблиску до Тебе и никој не е подалечен. Трошка сигурност, трошка утеха, тоа е сè што барам од тебе. Но ти не можеш да ми одговориш, не можеш.

Пред неколку дена...само што се подготвував да излезам, кога се погледнав во огледалото, за да ја наместам марамата. И наеднаш, немерлив ужас: кој е тој човек? Не можев да се препознам. Лесно ги препознав мојата наметка, марамата, шапката, па сепак не знаев кој сум јас, затоа што не бев јас. Тоа траеше триесетина секунди, речиси. Кога успеав да се препознам, стравот воопшто не попушти, туку само се намалуваше пополека. Да се сочува разумот е привилегија која не може да ни се одземе.

- Што правиш?
- Се чекам.

Не е сè загубено кога сме незадоволни од себе.

Толку сум несреќен што живеам во време кога зборот на очај е обесчестен и кога се служите со него значи дека се засрамувате самите себе!

Наеднаш имам чувство дека сум Господар на светот и го поседувам клучот за сите тајни! Како е можно, со оглед на мојата вообичаена слабост, мојот загрижен поглед на свет, свеста за сопствената безначајност – како е можно да е почувствува толку силен и незаслужен занес?

Секогаш кога иднината ќе ми се стори разбирлива и прифатлива, чувствувам дека сум постигнал победа над моето расположение и над мислите. Поточно: дека ме погодила Милоста.

Ми се случувало да почувствувам сомилост кон парче метал, кон што било, сè што постои ми изгледа толку напуштено, несреќно, несфатено. Можеби и гранитот страда. Сè што има форма страда, сè што се издвоило од хаосот за да  следи издвоена судбина. Материјата е осамена. Сè што битува е осамено. Никој, ниту еден бог не може да го ослободи овој свет од толку древна осаменост.

Се чудам колку време залудно сум потрошил ламентирајќи над сè, особено над себе. Ако и малку вредам, тоа можам да го препишам на залудно потрошеното време, по човечки, а не по божји мерила.

Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура