X
 03.12.2018 Живот

Светската банка ќе одвои 200 милијарди долари за борба против климатските промени

Светската банка соопшти дека во периодот 2021-2025 година ќе издвои 200 милијарди долари за финансирање проекти за борба против климатските промени, што е двојно поголема сума од средствата наменети за таа цел во претходните пет години.

- Треба да се бориме со причините за климатските промени, но и да се приспособиме кон последиците од нив, кои несомнено ќе бидат најдраматични во најсиромашните земји - изјави извршната директорка на Светската банка, Кристалина Георгиева, на Конференцијата на ОН за климата (КОП 24), што почна вчера во полскиот град Катовице.

Експертите проценуваат дека најавата на Светска банка на стартот на Конференцијата во Катовице претставува важен поттик за меѓународната заедница да преземе слични чекори.

Во пресрет на Конференцијата, развиените земји се обврзаа да го зголемат финансирањето на проекти за справување со климатските промени во државите во развој за дополнителни 100 милијарди долари до 2020 година.

Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), дури и дополнително да се зголемат средствата за таа цел, развиените земји од северната Земјина полутопка треба да преземат појасни обврски за справување со климатските промени во сиромашните држави од јужните делови на планетата.

Како најзначајни последици на климатските промени што се очекува да се почувствуваат во земјите во развој се посочуваат покачувањето на нивото на морињата и појавата на елементарни непогоди, како поплави и суши.


Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот