X
 11.07.2019 Живот

Пошумување на планетава - што сѐ прават одредени земји

Засадувањето дрвја сега е најдобриот начин за справување со високите температури и климатските промени, покажува истражување од група научници.

Дрвјата го апсорбираат јаглеродниот диоскид, што значи дека може да помогнат во борбата против глобалното загревање. Исто така, шумите ѝ помагаат на почвата да ја задржи влажноста и го намалуваат ризикот од поплави.

Ако ова е навистина најдоброто решение за климатските промени, тогаш што прави светот за засадување шуми?

Голем зелен ѕид


Фото: Getty Images

Во Африка се засадува ѕид од дрвја долг 8.000 километри. Кога ќе биде завршен, овој ѕид ќе биде најголемата „жива структура“ во светот. Шумата ќе се простира од западниот до источниот брег на Африка низ повеќе од 20 земји, вклучувајќи ги Сенегал, Нигерија и Етиопија.

Засадувањето на овој ѕид почнало пред 10 години и до денес се засадени дрвја на повеќе од 15 отсто од планираната површина. Само во Сенегал се засадени 11,4 милиони стебла.

Во Буркина Фасо, Мали и Нигер се засадени повеќе од 2 милиона стебла од 50 различни вида дрвја.

10 милијарди дрвја


Во август 2017 година Пакистан ја исполни целта за засадување милијарда дрвја во борбата против ефектите од климатските промени. Затоа, во 2018 година тие одлучиле да си дадат нова цел - засадување 10 милијарди дрвја во наредните 5 години.

Индиски бум


Фото: Getty Images

Со потпишување на Парискиот договор за климата, официјалните луѓе од Индија се обврзаа да ја зголемат површината на шуми за 95 милиони хектари до 2030 година. Околу милион и пол доброволци засадија повеќе од 66 милиони стебла во рекордни 12 часа во 2017 година.

И Велика Британија сади


Британската влада најави дека отвори фонд од 60 милиони фунти за да се засадат повеќе од 10 милиони дрвја низ Англија. Од овие шуми, 10 милиони фунти ќе бидат потрошени за засадување на најмалку 100.000 стебла во градовите.

„Увудланд Траст“, водечка добротворна организација за зачувување на шумите во Велика Британија, планира да засади 64 милиони стебла во наредните 10 години. За да ја постигнат оваа цел, вработените планираат бесплатно да им поделат стотици илјади садници на училиштата и локалните заедници.

Се засадуваат дрвја и со помош на дронови


Фото: Getty Images

Во Мјанмар се засадуваат дрвја со помош на дронови. Дронот прелетува над областите каде што се планира засадување, ја избира најдобрата локација и потоа испушта капсула полна со семе во земјата.

Од „Вролдвју импакт“, организација што се занимава со садење дрвја со дронови, велат дека две лица што работат со десет беспилотни летала теоретски можат да засадат и до 400.000 стебла дневно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот