X
 17.01.2024 Наша тема

Сиромашните земји се најпогодени од климатските промени, а најмалку придонеле за нивното создавање, вели професорот Ристо Цицонков

Граѓаните можат да се вклучат во забавувањето на климатските промени со штедење енергија во домаќинствата. Има бесплатни начини, на пример, со менување многу навики во животот: исклучување на електричните светилки кога нема потреба од нив, греење на просториите на соодветна (не висока) температура во грејната сезона, штедење при готвење итн. Но штедењето треба да се прави и во комерцијалниот сектор и во индустријата, посочува Цицонков

Земјата е опасно блиску до неколку климатски пресвртни точки, според новиот извештај на климатолозите објавен неодамна. Овие точки без враќање се специфични моменти кога планетата се загрева толку многу, што одредени ефекти стануваат неповратни. Извештајот разгледува 26 различни системи на Земјата и укажува на пет од нив - топењето на ледената покривка на Гренланд и Западниот Антарктик, изумирањето на топловодните корални гребени, одмрзнувањето на вечниот мраз и влијанието на струјата на северниот дел на Атлантскиот Океан - блиску до активирање. Од тие пет, научниците велат дека најстрашни се умирањето на коралните гребени и топењето на ледената покривка.
Студијата беше објавена за време на тековниот самит за климата во Дубаи, COP28.
Климатските промени се актуелна тема и сериозен проблем, но колку граѓаните се свесни за ризикот и заканата од климатските промени?

Периодични грижи, периодично известување

Со професорот Ристо Цицонков, кој е и уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.), разговараме за тоа колку граѓаните во Македонија се свесни и информирани за климатските промени.

- Само во деновите кога има екстремни временски услови (на пример, високи температури на воздухот) и последици во некоја област (на пример, во земјоделството) се споменува оваа тема. Но и јавните медиуми се навраќаат на оваа тема само во такви периоди. Климатските промени настануваат поради глобалното затоплување на Земјата предизвикано од големите емисии на стакленички гасови (јаглероден диоксид, метан, азотен-оксид и F-гасови). Но проблемот не се решава глобално, туку со учество на сите структури во целиот свет, и тоа почнувајќи од самиот себе, секој поединечно, потоа во семејството и нагоре кон сите слоеви и структури на општеството (град, држава, регион, свет) - истакнува професорот Цицонков.

Иако глобалното затоплување е големо и ја зафаќа целата Земјина топка, неговото дејство не е рамномерно, т.е. не е еднакво изразено во сите региони.

- Во Македонија има и ќе има големо негативно влијание во повеќе области: врз здравјето на луѓето вклучувајќи и повеќе смртни случаи, високи температури, топлински бранови, суши, поплави, шумски пожари, помали приноси во земјоделството, намалување на животинскиот свет итн. Од почетокот на Индустриската револуција (1850 г.) досега на глобално ниво температурата на воздухот просечно е покачена за 1,2 оС. Со Парискиот договор за климатски промени (2015 г.) е предвидено максимално покачување на воздухот до 2100 г. да биде 2,0 оС, по можност 1,5 оС. Но уште денес се проценува дека тоа покачување ќе биде повисоко од тие граници. Значи, неизбежно е интензивирање на климатските промени. А многу научници велат дека ако се надмине границата од 2 оС, на планетата Земја веројатно ќе се случат неконтролирани и неповратни процеси, а животот во такви услови ќе има многу неизвесности - подвлекува нашиот соговорник.



Сите можеме да се вклучиме


На прашањето како и на кој начин да се вклучиме во забавување на процесот, тој посочува:

- Бидејќи емисиите на СО2 се најголеми во енергетскиот сектор поради согорување на фосилни горива (јаглен, нафта, гас) при производство на енергија, потребно е да се намали потрошувачката на енергија во сите области. Граѓаните можат да го прават тоа со штедење енергија во домаќинствата. Има бесплатни начини, на пример, со менување многу навики во животот: исклучување на електричните светилки кога нема потреба од нив, греење на просториите на соодветна (не висока) температура во грејната сезона, штедење при готвење итн. Но штедењето треба да се прави и во комерцијалниот сектор и во индустријата. Има и начини со мали вложувања пари, на пример, замена на старите жаречки електрични светилки со ЛЕД-светилки и др. Во јавноста често се употребува и терминот енергетска ефикасност со чие зголемување се штеди енергија - вели професорот.

Според него, државата треба повеќе да се вклучи во овој проблем, пред сѐ, прво треба да го информира населението и да спроведува систематска едукација на граѓаните како да штедат енергија.

- Во РМ донесен е Закон за енергетска ефикасност, постои и национален план за нејзино спроведување, а постојат и планови на општинско ниво. Проблемот е во тоа што има слаба реализација на предвидените мерки. Министерството за економија на РМ и некои општини повремено им даваат субвенции на граѓаните по системот прв дојден – прв услужен за реновирање на становите со ставање термички изолирани фасади, квалитетни прозорци, топлински пумпи и др., но тоа е во многу мал обем. Некои банки даваат поволни кредити за финансирање зафати за зголемување на енергетската ефикасност на објектите.
Сите овие работи треба да се интензивираат, недостигаат информации, иницијатива, координација итн. - дополнува Цицонков.

Преовладува мотивот за профит

Како што вели тој, сите земји во светот имаат обврска да подготвуваат и доставуваат Национален извештај до Организацијата на Обединетите нации во рамките на Конвенцијата за климатски промени. Главните столбови на содржината во еден таков извештај се: 1) инвентар на стакленичките гасови (каде има емисии и колкави се), 2) начини на ублажување, т.е. намалување на емисиите на стакленички гасови, 3) ранливост од климатските промени во разни области, и неколку други помали поглавја. Во тој Извештај има многу детали, а последниот Извештај може да се најде на веб-страницата на Министерството за животна средина.

- На Парискиот самит за климатски промени (2015 г.) е донесена одлука секоја земја да доставува т.н. „Национално определен придонес“ (Nationally Determined Contribution) каде што се наведени состојбата и мерките што таа земја ќе ги преземе во даден период од пет години. РМ има доставено до ОН таков документ. Се работи за многу комплексна проблематика. На национално ниво има разни документи, но мали активности, најмногу поради малата финансиска поддршка. Слично е и на меѓународно ниво. Но „стапот го јадат“ сиромашните земји кои се најпогодени од климатските промени, а најмалку придонеле за нивното создавање. На интернет лесно може да се најде кои се најголемите производители на фосилни горива и во кои земји има најголеми емисии на стакленички гасови. Преовладува мотивот за профит, а не борбата против климатските промени - категоричен е Цицонков.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема