X
 03.05.2026 Наука

Поради климатските промени, на Исланд првпат се појавија комарци

Досега Исланд се сметаше за единствената арктичка земја без комарци. Тоа се промени минатата година кога ентузијастот за инсекти Бјорн Хјалтасон пронајде еден мажјак и две женки од видот „Кулисета анулата“ во својата градина во Кидафел, Кјос.

Појавата на овој инсект на Исланд претставува предупредување, сметаат арктичките истражувачи Аманда Колц и Лорен Кулер. Тоа укажува на големи еколошки промени предизвикани од затоплувањето на климата и ширењето на човечката активност, што овозможува движење на инсектите на нови начини и во нови размери.

Истражувачите предупредуваат дека промените на Арктикот нема да останат само таму.

- Она што се случува на Арктикот не останува на Арктикот - вели Кулер, истражувач на Универзитетот „Дартмут“ и објаснува дека промените во екосистемите може да имаат влијание и врз климата во пониските географски широчини.

Поради тоа, следењето на овие промени е клучно за разбирање на глобалните последици од затоплувањето на Арктикот. Но проблемот е што недостига систем за долгорочно следење на инсектите.

Мали инсекти со големо влијание

Членконогите (инсекти, пајаци и слични организми) се најразновидната група животни во Арктикот и сочинуваат околу 90 отсто од сите познати видови во регионот. Иако се мали, нивното влијание врз екосистемот е огромно.

Тие опрашуваат растенија, разградуваат хранливи материи, регулираат популации преку паразитизам и се клучен дел од синџирите на исхрана што ги поврзуваат растенијата, животните и луѓето.

Но бидејќи Арктикот се затоплува четирипати побрзо од остатокот на планетата, популациите на инсекти брзо се менуваат. Тоа веќе предизвикува проблеми, како несовпаѓање меѓу времето на изведување на птиците и достапноста на храна, зголемен паразитизам кај ирвасите и уништување на вегетацијата во тундрата.

Во случајот со појавата на комарци на Исланд, сè уште не е јасно какви ќе бидат последиците. Научниците претпоставуваат дека инсектите можеби стигнале преку човечки транспорт од Европа, Централна Азија или Северна Африка.

За да се утврди дали овој вид навистина се населил на Исланд, потребен е подобар систем за долгорочно следење, велат истражувачите. Во моментов мониторингот на инсекти во Арктикот е ограничен и нееднаков бидејќи регионот е огромен и тешко достапен.

Научниците веќе работат на создавање мрежа за следење на арктичките инсекти и стандардизирани методи за истражување, но за тоа е потребна меѓународна соработка.

Истражувачите нагласуваат дека промените во природата не ги почитуваат границите, па затоа ниту науката не треба да биде ограничена од нив. Подобрувањето на следењето на биодиверзитетот се смета за заедничка корист за сите арктички земји.

Извор: Gizmodo.com
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука