X
 03.12.2019 Економија

Багерист - 850 евра, фризер - 680 евра, колку се заработува во Србија со средно?

Економската состојба во балканските земји е приближно иста, со некои исклучоци, па така известувањата на медиумите од соседството често нè потсетуваат на ситуацијата во нашата татковина.

Кога Србите ќе го слушнат податокот дека просечната плата во нивната земја е околу 53.000 динари (450 евра), тие се запрашуваат кои професии го креваат просекот кога се знае дека не толку мал број вработени во приватниот сектор заработуваат помалку од просекот.

Првата помисла е дека станува збор за програмери, контролори на летови, менаџери, финансискиот сектор, како и секторот за производство на тутунски производи, што, според статистичките податоци, традиционално се сектори кои имаат натпросечни плати.

Меѓутоа, судејќи по реалните плати што работодавците ги нудат во огласите за работа, многу занаети можат да донесат заработка која е значително поголема од просечната, пренесуваат српските медиуми.

Во огласите за отворени работни места во Србија често може да се види како некоја пекарница, продавница или фризерски салон нуди плата и од 80.000 (680 евра) динари и тогаш не малкумина се прашуваат зошто не учеле занает.

Ова се некои од работните места за кои не е потребна факултетска диплома, а за кои работодавците во Србија нудат натпросечна заработка.

Плати од 50.000 до 80.000 динари (425 - 680 евра)

Меѓу работите во оваа група голем е бројот на оние што се наменети за комерцијалисти. Во еден оглас за комерцијалист на терен велат дека е потребно завршено средно образование, возачка дозвола, а платата е над републичкиот просек.

Аранжер на цвеќиња - еден несекојдневен оглас бил прегледан дури илјада пати. Во него се бараат аранжери и цвеќари, се нуди постојана работа и плата од 50.000 до 80.000 динари (425 - 680 евра), а сè што се бара е барем некое работно искуство.

Пекар - без разлика дали некогаш сте работеле во пекарница или само сте минувале покрај неа, можете да конкурирате за работа во која се бараат помошници работници и работници во пекарница, кои би работеле на подготовките, но и на одржување на хигиената. Исто така, и оваа пекарница нуди постојан работен однос и плата во споменатиот распон.

Месар - и месарите спаѓаат во групата на работници што не се лошо платени и нивните плати се околу и над просекот во Србија. Така, една месарница во Белград бара месар кој би бил задолжен за порачување, контрола на месото, но и многу други работи што би ги работел некој што веќе има искуство. Тоа искуство би можело да биде наградено со заработка од 60.000 динари (510 евра) и повеќе, постојано вработување, 8-часовно работно време во две смени, а покрај тоа се обезбедени и обуки.
Работа на скара, средно образование, осумчасовно работно време, постојана работа и плата од 58.000 динари - тоа е работата која се нуди за оние што сакаат да бидат скара-мајстори во белградска пицерија.

Плата од 80.000 до 120.000 динари (680 - 1.000 евра)

Багерист - ако знаете да возите багер, можете убаво да заработите. Една компанија во околината на Белград бара токму такви лица, но неопходно е искуство. Пријавата е загарантирана, но и платата од 100.000 динари (850 евра) со недела како слободен ден.

Електричар - за да работите во една компанија како вработен за постојано, потребно е да сте електричар, но не е неопходно да имате искуство. Платата што ви е загарантирана е од 80.000 до 120.000 динари (680 - 1.000 евра).
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија