X
 06.11.2023 Наука

Преголемото фокусирање на работата нѐ прави несреќни

Не е изненадување што оние што често работат прекувремено се најнесреќни луѓе. Неодамнешно истражување покажува дека на дневно ниво, давањето приоритетот на достигнувањата на работа пред слободата е поврзано со несреќа.

Ново истражување предводено од д-р Пол Ханел од Универзитетот во Бат почна да ги истражува потенцијалните разлики во нивоата на среќа кај луѓето на кои приоритет им се достигнувањата, а не уживањето. Речиси 200 луѓе од три земји: Индија, Турција и Обединетото Кралство, биле следени во период од 9 дена и биле направени процени за нивните вредности, задоволството од животот, позитивните и негативните афекти, депресијата, анксиозноста, стресот, секојдневното исполнување и благосостојбата.

Генерално, откриени се важни врски помеѓу исполнувањето на вредностите и задоволството од животот. Ова веројатно не е изненадување. Кога луѓето чувствуваат дека живеат во согласност со нивните вредности, има смисла ако се чувствуваат позадоволни од својот живот. А за возврат, луѓето што се позадоволни од својот живот може да се мотивирани да живеат поавтентично во согласност со нивните вредности.

Но, она што беше впечатливо е дека постапувањето во согласност со вредностите на даден ден, всушност, предвидува чувство на повисоко ниво на благосостојба наредниот ден. И што е најважно, важни беа типовите на вредности. Луѓето што им дале приоритет на достигнувањата немале толку високи нивоа на среќа наредниот ден, во споредба со оние на кои им биле приоритет  хедонизмот и самонасочувањето.

И учесниците што поминувале време на некакво хоби, исто така, забележале значително подобрување на благосостојбата и соодветен пад на стресот и анксиозноста.

Таа рамнотежа помеѓу работата и слободното време, меѓу задоволството и трудот, повеќето од нас тешко можат да ја најдат. Но, можеби следниот пат кога ќе се запрашаме како да поминеме дополнителен час од нашиот ден, може да биде корисно да размислиме кои се нашите вредности - дали тие дозволуваат слобода и радост?

Извор: Psychologytoday.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука