X
 30.07.2020 Здравје

Единствениот италијански остров што беше поштеден од пандемијата

Никој од жителите на италијанскиот остров Џиљо не покажал симптоми на Ковид-19 иако условите биле поволни за ширење на болеста низ островот. Жителите на островот се дружат на улиците во близина на пристаништето или на скалите кои ги има во некои населби. Домовите се изградени блиску еден до друг во близина на остатоци од тврдина која била подигната пред векови за да ги заштитува жителите од пирати.

Армандо Шиафино е единствениот доктор на островот. Тука работи приближно 40 години. Очекувал ширење на коронавирусот на островот.

- Секогаш кога ќе се појави обична детска болест како треска или сипаници, за неколку дена практично сите се заразуваат во Џиљо - изјавил тој.


Фото: Џиљо/Wikipedia

Паола Мути, истражувач за рак на дојка на Универзитетот во Милано, одлучила да се обиде да открие зошто тоа не се случило овојпат. Дали жителите биле заразени но не покажувале симптоми? Дали има нешто со генетиката? Или станува збор за едноставна среќа?

Мути пристигнала на островот и забележала дека многумина од жителите имаат близок контакт со посетителите. Првиот познат случај на Ковид-19 во Џиљо бил маж во 60-те кој пристигнал на 18 февруари, два дена пред официјално да биде потврден првиот случај на вирусот во Италија. Мажот пристигнал на островот за да присуствува на погреб на роднина и постојано кашлал за време на погребот. Тој заминал од островот истиот ден и починал три недели подоцна во болница.

На 5 март, четири дена пред да се забрани излегувањето од домовите низ цела Италија, уште тројца посетители пристигнале на островот и имале позитивни тестови за Ковид-19. Едниот бил Германец од Северна Италија. Тој се социјализирал повеќе денови со неговите пријатели на островот и одел во ресторани. Тој бил тестиран на островот една недела по пристигнувањето откако започнал да кашла и добил позитивен тест, по што се изолирал во својата куќа на островот.

Друг познат случај е оној на жител на островот кој живеел во Австралија две години пред да дојде на островот во март за да ги види своите родители. Тој имал позитивен тест три дена по пристигнувањето и се изолирал во домот на родителите. Не се знае за друг случај на островот, иако започнале да пристигнуваат туристи по намалувањето на ограничувањата за движење.


Фото: Џиљо/Wikipedia

Џиљо е дел од Тоскана, а здравствените власти испратиле тестови за антитела на островот за да видат дали жителите имале Ковид-19. Жителите се тестирале во април, а од сите тестирани, антитела биле пронајдени кај само еден жител кој бил во контакт со германскиот гостин.

Мути не успеала да донесе заклучок зошто другите жители не се заразиле со коронавирусот, но можна теорија е дека луѓето не биле изложени на доволна количина заразени честички на Ковид-19 за да се заразат самите. Истото го претпоставува и Масимо Андреони, директор на одделот за заразни болести во болницата „Тор Вергата“ во Рим. Тој вели дека некои пациенти едноставно не го шират коронавирусот толку како останатите поради непознати причини.

Според Даниел Олтмен, професор по имунологија на Кралскиот колеџ во Лондон, можеби станува збор за едноставна среќа, а можеби е нешто поважно како генетска разлика која ја имаат жителите на островот. Во меѓувреме, Мути работи на истражување за да ја открие причината.

Извор: today.com

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје