Во подоцнежните години патувањето често се смета за убаво дополнување на животот, а не за нешто што треба активно да се планира и да му се даде приоритет, иако може значително да придонесе за здравјето и благосостојбата. Две истражувања кои ги мереа неговите вистински ефекти врз умот и телото сугерираат дека ваквиот пристап го потценува патувањето, како и дека излегувањето во светот во шестата деценија од животот и понатаму врши вистинска, мерлива работа.
Најјасниот доказ доаѓа од истражување од 2024 година на Шу Кол, Ченганг Хуа, Сијун Пенг и Вејшуан Ванг, објавено во „Интернешнл журнал оф енвиронментал рисерч енд паблик хелт“. Поаѓајќи од репрезентативен примерок од САД од 7.037 возрасни лица на возраст од 51 година и постари од „Студијата за здравје и пензионирање“, истражувачите ги споредија оние што не патуваат со оние што одат на локални еднодневни излети, домашните патници и меѓународните патници, приспособувајќи ги резултатите според возраста, полот, расата, образованието, брачниот статус, богатството и здравствените ограничувања.
Резултатите за когнитивната функција се зголемуваа со обемот на патувањето - локалните патувања покажаа скромен поттик, домашните патувања поголем, а меѓународните патувања најголем од сите. Истиот модел се покажа и за менталното здравје: депресивните симптоми и осаменоста значително се намалија со патувањето, повторно во сооднос со оддалеченоста и трудот; просечните резултати за депресија паднаа од 2,53 кај оние што не патуваат на само 0,87 кај меѓународните патници, а осаменоста падна од 1,76 на 1,36. Истражувачите истакнаа дека ова е важно со оглед на размерот на проблемот против кој можеби дејствува бидејќи над 40 отсто од возрасните на возраст од 60 години и постари пријавуваат дека се чувствуваат осамени.
Луѓето што патувале имале за 36,6 отсто помал ризик од смрт
Второто истражување покажува дека придобивките од патувањето во подоцнежните години можеби не се ограничуваат само на подобро расположение и подобра меморија, туку можат да влијаат и врз подолг живот. Во истражување од 2022 година научниците анализирале податоци од долгогодишно истражување спроведено во Кина, следејќи го здравјето на постарите лица што патувале и на оние што не патувале.
Резултатите покажале дека луѓето што патувале во двете години пред истражувањето имале 36,6 отсто помал ризик од смрт во следните десет години во споредба со оние што не патувале. Колку почесто патувале, толку повеќе се намалувал ризикот.
Истражувањето било потврдено и во две различни групи испитаници, а научниците сметаат дека една од причините може да биде тоа што патувањата го зголемуваат чувството на припадност, ги зајакнуваат социјалните врски и им даваат на луѓето нови искуства и поголемо чувство на исполнетост. Според истражувачите, овие фактори можат да придонесат за поздраво и поактивно стареење.
Заедно, овие две истражувања покажуваат дека патувањето во подоцнежните години не треба да се смета само за луксуз или забава, туку и за нешто што може да има позитивно влијание врз здравјето.
Првото истражување покажува дека патувањата можат да ги подобрат помнењето, расположението и чувството на поврзаност со другите, особено кога станува збор за подалечни и поактивни патувања. Второто истражување открива уште поголема придобивка - луѓето што патуваат имаат понизок ризик од смрт во следните години, а секое дополнително патување може дополнително да го намали тој ризик.
Затоа, патувањето по шестата деценија од животот не треба да се гледа само како уживање, туку и како инвестиција во здравјето на мозокот, подоброто расположение и поквалитетен живот.
Извор:
Artfulparent.com
Фото: Magnific