X
 04.01.2019 Технологија

„Ајфонот“ веќе не е хит во Кина, а тоа ја чинеше „Епл“ 55 милијарди долари за неколку часа

„Епл“ има голем проблем во Кина, а тоа не им се допаѓа на инвеститорите. По само неколку часа од писмото на Тим Кук во кое тој призна дека резултатите во последната четвртина од 2018 година ќе бидат полоши од очекуваното, акциите на производителот на „ајфонот“ паднаа за 8 отсто. Тоа значи дека пазарната вредност на компанијата се намали за дури 55 милијарди долари.

Очекуваните приходи на „Епл“ за последниот квартал од минатата година сега изнесуваат 84 милијарди долари, а во ноември се предвидуваше дека ќе бидат од 89 до 93 милијарди, што и тогаш беше бројка полоша од очекувањата.

Главна причина за падот на продажбата, како што наведе Кук, е намалениот интерес во Кина, врз кој влијаела трговската војна, но и побавниот раст на кинеската економија. И самиот извршен директор на „Епл“ на крајот од писмото до инвеститорите призна дека прогнозите се разочарувачки.

Инаку, Кина е огромен пазар за „Епл“, каде што компанијата заработува 15 отсто од вкупниот профит, а технолошкиот гигант практично живее од продажбата на „ајфоните“. Продажбата на тој телефон опфаќа 60 отсто од заработката.

Американските медиуми констатираа дека „Епл“ претерува со цените на „ајфоните“ и тоа сега ѝ се враќа. Порано најголемата заработка беше токму за време на празниците, но оваа година ги немаше препознатливите редици пред продавниците, а почнаа да се појавуваат акции и понуди и за некои поевтини модели, што е преседан бидејќи „ајфонот“ беше бренд на кој не му беа потребни намалувања, туку луѓето со драга волја даваа и повеќе од илјада долари за еден телефон.

Во секој случај, „Епл“ во последните месеци е на лош пат. На почетокот од октомври цената на акциите на оваа компанија на Вол стрит достигна рекордни 233 долари, при што пазарната вредност на компанијата беше значително над нивото од илјада милијарди долари.

Но, оттогаш цената на акциите падна за повеќе од 28 отсто, што значи дека е 20 отсто под нејзиното претходно највисоко ниво. Со оглед на тоа дека цената на акциите сега падна за дополнителни речиси 8 отсто, пазарната вредност на „Епл“ потона под 700 милијарди долари. Така, „Амазон“ и „Мајкрософт“ избија пред „Епл“ на врвот на листата за најголемите американски компании според пазарната вредност.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија