Служењето пиво, лагер и сајдер пијалаци во помали чаши го намалува обемот на консумирани пијалаци во пабовите, баровите и рестораните и може да биде корисна мерка за контрола на употребата на алкохолот, според новото истражување објавено во списанието „ПЛОС медисин“.
Тереза Марто и колегите од Универзитетот во Кембриџ, Обединетото Кралство, откриле дека во краток период на интервенција, местата што ја отстранувале пинтата (пинта е англиска единица мерка за зафатнина или капацитет според британскиот и американскиот систем, еднаква на половина кварта, една осмина галон) и наместо тоа нуделе две третини од пинта, продавале 10 отсто помалку пиво по волумен во споредба со периодите кога пинтата била достапна (големи кригли).
Кога виното по чаша се нуди во помали дози, продадената количина се намалува, но слични студии не го истражувале ефектот врз другите алкохолни пијалаци. Марто и колегите посетиле одредени места во Англија и ги замолиле да ја отстранат вообичаената доза и наместо тоа да понудат две третини од неа како најголема доза, за период од четири недели.
Тимот открил дека отстранувањето на големите дози го намалило просечниот дневен волумен на продадени пива, лагер и сајдер пијалаци за 9,7 отсто иако имало мало зголемување на количината на купено вино, при што еден паб придонел за половината од зголемувањето на продажбата на вино. Тие известиле дека иако клиентите не се жалеле, помалку од 1 отсто од местата на кои им се обратиле се согласиле да учествуваат.
фотоизвор: PLOS, CC-BY 4.0 (creativecommons.org/licenses/by/4.0)
Потребна е понатамошна процена, особено за тоа дали луѓето компензираат за намалената потрошувачка на пиво со пиење други алкохолни пијалаци, но интервенцијата заслужува да се земе предвид за вклучување во политиките за контрола на употребата на алкохол. Помалите дози би можеле да придонесат за намалување на потрошувачката на алкохол кај населението и со тоа да го намалат ризикот од седум вида рак и други болести што произлегуваат од неговата претерана консумација.
- Отстранувањето на понудата на големи дози во 13 лиценцирани простории за четири недели го намали обемот на продадено пиво. Ова е во согласност со литературата која покажува дека помалите дози ни помагаат да пиеме помалку - заклучиле авторите.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik