X
 06.02.2019 Живот

Кина направи АИ за детектирање корупција, но службениците ја исклучуваат

Софистицирана вештачка интелигенција (АИ) од 2012 година копала низ податоци за да најде знаци за корупција во кинеската влада, но локални службеници во многу области од земјата сега ја исклучуваат.

Според еден истражувач вклучен во програмата, која е наречена „Нула доверба“ (Zero Trust), локалните службеници можеби ја исклучуваат програмата бидејќи „не им е удобно со новата технологија“.

Но, весникот „Саут Чајна морнинг пост“ има друго објаснување: вештачката интелигенција работи премногу добро.

„Нула доверба“ чешла податоци од банки, досиеја од имот и објекти и дури и сателитски податоци за да обележи знаци на корупција. Може, на пример, да забележи сомнителен трансфер на пари или регистрација на нов автомобил или имот на име на член на фамилија или пријател на владин службеник.

- Ние само ги користиме резултатите од машината како референција. Мораме да ја провериме и верификуваме основаноста. Машината не може да се јави на телефон и да зборува со лицето што има проблем. Конечната одлука секогаш ја носат луѓе - објаснува Џанг Ји, службеник во провинција која сè уште го користи софтверот.

Иако корупцијата во Кина наводно е распространета, службениците веројатно имаат право да се сомневаат во алгоритамот во црна кутија, кој може да го спушти чеканот на правдата без да бидат објаснети аргументите.

- Вештачката интелигенција може брзо да посочи корумпиран службеник, но не е многу добра во објаснување на процесот низ кој минала за да дојде до таков заклучок. Иако работи добро во повеќето случаи, потребен е човек за да работи со неа - објаснува неименуван истражувач кој работел на програмата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот