X
 04.01.2019 Култура

Ден Браун научил важна лекција за успехот од „Кодот на Да Винчи“

Во мај 2009 год. Ден Браун излезе на црвениот килим заедно со Том Хенкс и Рон Хаувард на светската премиера на „Ангели и демони“.

Дотогаш Браун веќе имаше продадено десетици милиони книги и виде како филмската верзија на неговиот прв голем успех, трилерот од 2003 година - „Кодот на Да Винчи“ станува број еден хит. Но, сега разликата беше што „Ангели и демони“ беше адаптација на книга што тој ја имаше напишано девет години порано и која на почетокот беше фијаско.

- Моите први три книги всушност беа комерцијални неуспеси. Претпоставувам дека така би се нарекле. Не продавав многу копии, сè додека не излезе „Кодот на Да Винчи“. Секако, претходните три новели, кои не беа продадени, се продадоа и стигнаа до првите места на листите со бестселери. Не сменив ни збор - истакна Браун.

Браун ги поминал деведесеттите години како музичар кој се борел за успех и една статија што ја напишал за забава за локален магазин му го привлекла вниманието на еден агент. Агентот исконтактирал со Браун и го убедил да напише новела. Излегло дека Браун имал смисла за трилери и во „Сент Мартинс прес“ 1998 година ја издава „Дигитална тврдина“. Книгата ги има сите карактеристики на книга за масовна публика - но нема публика.

Но, тој не се откажува, иако следните два трилера, „Точка на измама“ и „Ангели и демони“, исто така наидуваат на мал одѕив.

Тогаш Браун ја пишува „Кодот на Да Винчи“, продолжение на „Ангели и демони“, книга која вплеткува историски интриги во фантастична приказна за Светиот грал. Браун вели дека ако и оваа книга наидела на иста реакција од публиката, тој бил решен да се пензионира од пишување и да си најде нова работа.

Но, „Кодот на Да Винчи“ стана меѓународен бестселер и со неа Браун стана еден од најпродаваните автори на светот со 250 милиони продадени книги. Книгата ги инспирира читателите да го прочитаат и претходниот дел, како и да ги погледнат другите две новели од библиографијата на Браун.

- Тоа е важна порака до сите - дека некои производи и идеи што ги имате на почетокот на кариерата, кои може да не успеат, всушност подоцна во животот може да станат капитал. На крајот може да имаат публика - истакнува Браун.

Слушнете го интервјуто на Браун.

Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура