Јулијанскиот календар го вовел Гај Јулиј Цезар и се користел во цела Европа до 16 век, кога се прифатил грегоријанскиот календар. На првиот екуменски собир во Ница во 325 година христијанската црква го прифатила јулијанскиот календар како основен календар.
Должината на траењето на јулијанскиот календар изнесува просечно 365¼ дена, што се постигнува со внесување еден дополнителен ден секоја четврта година. Јулијанската година е малку подолга од тропската, а оваа разлика се акумулира на еден ден секои 128 години.
Според јулијанскиот календар, секоја година чиј број се дели со четири е престапна и содржи 366 дена, додека останатите години имаат 365 дена. По воведувањето на јулијанскиот календар прво по грешка секоја трета година била престапна. Престапни биле следните години 45 пр.н.е., 42 пр.н.е., 39 пр.н., 36 пр.н.е., 33 пр.н.е., 30 пр.н.е., 27 пр.н.е... и понатаму секоја четврта.
Откако подоцна грешката била согледана, царот Август наредил исфрлување на сите престапни години меѓу 9 година пр.н.е. и 8 год. во новата ера, со што заслужил еден месец да се нарекува по неговото име.
Треба да се има предвид дека во ова време годините сè уште не се броеле од раѓањето на Исус Христос, туку од основањето на Рим во 753 пр.н.е., па е среќна околност што за престапни години се земале токму тие што се делат со 4, броено од раѓањето на Исус. Јулиј Цезар прво определил сите непарни месеци да имаат по 31 ден, а парните по 30, освен февруари кој во обична година имал 29 дена, а во престапна година имал 30 дена.
Месеците се викале јануарис, февруарис, мартиус, априлис, маиус, јуниус, куинтилис, секстилис, септембер, октобер, новембер и децембер.
Во 44 година пр.н.е, месецот куинтилис бил преименуван во јулијус (денешен јули) во чест на Јулије Цезар. Во 8 година пр.н.е. било одлучено еден месец да се нарече по името на царот Аугуст и бидејќи тој најмногу воени победи освоил во месецот секстилис, овој месец е наречен по него аугуст (август). Уште од 13 век на Аугуст се припишува дека на својот месец додал еден ден за да биде ист со Цезаровиот, меѓутоа, такви должини имало и пред Цезар.
Јулијанскиот календар не е совршен и неговата грешка се зголемувала на секои 128 години, за еден ден. Подоцна тоа било забележано, па на собирот во Ницеј во 325 година било одлучено од календарот да се исфрлат 3 дена кои ја претставуваат акумулираната разлика. Бидејќи јулијанскиот календар и понатаму останал непроменет, разликата до 16 век се акумулирала на 10 дена. Кога го забележале ова, астрономите одлучиле да изработат нов календар кој ќе биде попрецизен. Освен тоа, требало да се исфрлат 10 дена вишок од календарот. Тоа било постигнато со воведување на грегоријанскиот календар.
Јулијанскиот календар денес го користат Руската православна црква, Антиохијската православна црква, Грузиската православна црква, Македонската православна црква, Српската православна црква, ерусалимскиот патријарх и некои манастири на Света Гора во Грција. Исто така, јулијанскиот календар го применуваат и некои католички села на Жумберак.
Грегоријанскиот календар го добил името по папата Грегориј и денес е важечки календар во речиси сите краишта во светот.
По совет на германскиот астроном Кристофер Клавиус (1538 год.-1612 год.) и неаполскиот физичар и астроном Алојусиус Лилиус (1520-1576) папата Гргур 13 (1502-1585) на 24 февруари 1582 година објавил реформа – Папинска була, на дотогаш постојниот јулијански календар.
Фото: Pixabay
Папинската була ги содржела следните одредби:
- Од календарот ќе се исклучат 10 дена, така што по четвртокот на 4 октомври 1582 година ќе следува петок 15 октомври.
- Престапна е секоја година што се дели со 4, освен годините деливи со 100 кај кои престапни се само тие што се делат со 400.
- Престапната година има еден ден повеќе од обичната, која има 365 дена, кој се става на крај на месец февруари.
- Велигден отсега ќе се смета по ново правило, поврзано со новиот календар.
- Првиот ден во годината ќе биде 1 јануари.
Овој нов календар е наречен грегоријански по папата Гргур. Според него, просечната должина на траење на годината е намалена на 365,2425 дена (365+97/400 = 365,2425 бидејќи има 97 престапни години на секои 400) што дава грешка од 365,2425 – 365,2421890 = 0,00031 ден ≈ 26 секунди. Тоа значи дека оваа грешка ќе се акумулира на еден ден за 1/0,00031 ≈ 3225 години, т.е. нешто покусо бидејќи со тек на времето должината на траењето на соларната година се намалува, а грешката се зголемува.
Разликата меѓу грегоријанскиот и јулијанскиот календар е во тоа што грегоријанскиот има 97 престапни години на секои 400 години, а јулијанскиот има 100. Во грегоријанскиот календар е воведено т.н. секундарно правило годините што се деливи со 100 (секуларни години) да се обични, освен ако се деливи со 400, во тој случај се престапни. Тоа значи дека годините 1700, 1800, 1900, 2100, итн. по јулијанскиот календар се престапни, а се обични по грегоријанскиот календар. Денес разликата меѓу јулијанскиот и грегоријанскиот календар изнесува 13 дена, а по 2100 година ќе се зголеми на 14 дена.
Со воведувањето на грегоријанскиот календар, календарската година е приближена на тропската најмногу до тогаш.
Кога папата Гргур во 1582 година го вовел новиот календар, веднаш го прифатиле Полска, Португалија и Шпанија, а набрзо и останатите католички земји. Протестантските земји го прифатиле грегоријанскиот календар многу подоцна, а православните дури во 20 век, а до денес веќе и некои православни цркви (Грција, Романија, Бугарија) преминаа на овој календар, иако некои и понатаму се држат до стариот јулијански календар.
Извор: МИА