X
 26.02.2024 Наука

Што би се случило ако нема престапни години?

Можеби сте навикнати да слушате дека на Земјата ѝ се потребни 365 дена за да направи цел круг околу Сонцето, но тоа патување всушност трае околу 365 и четвртина ден. Престапните години помагаат во синхронизирањето на 12-месечниот календар со движењето на Земјата околу Сонцето.

По четири години тие останати часови прават цел ден. Во престапните години овој дополнителен ден го додаваме на месецот февруари и тој има 29 наместо вообичаените 28 дена.

Идејата за годишно усогласување датира од антички Рим, каде што луѓето имале календар со 355, наместо 365 дена бидејќи се засновал на циклусите и фазите на Месечината. Тие забележале дека нивниот календар почнал да не се совпаѓа со годишните времиња, па почнале да додаваат дополнителен месец, кој го нарекувале мерцедониус, на секои две години.

Во 45 година пр.н.е. римскиот император Јулиј Цезар вовел соларен календар, базиран на календар развиен во Египет. На секои четири години февруари добивал дополнителен ден за календарот да биде усогласен со патувањето на Земјата околу Сонцето. Во чест на Цезар, овој систем и ден-денес е познат како јулијански календар.

Но, тоа не била последната промена. Како што минувало времето, луѓето сфатиле дека патувањето на Земјата не трае точно 365,25 дена, туку 365,24219 дена, што е околу 11 минути помалку, па додавањето цел ден на секои четири години всушност било малку поголема корекција од потребната.

Во 1582 година папата Григориј XIII потпишал наредба со која било направено мало приспособување. Се задржувала престапната година на секои четири години, освен во годините со кои се завршува еден век како 1700 или 2100, освен ако тие години се делат со 400. Можеби ова звучи како загатка, но тоа приспособување го направило календарот уште поточен и оттогаш тој е познат како грегоријански календар.

Што ако немавме престапни години?

Ако календарот не ја правеше таа мала корекција на секои четири години, постепено немаше да биде во согласност со годишните времиња. Со текот на вековите, ова би можело да доведе до тоа рамнодениците да се случуваат во различно време од очекуваното. Зимското време би се развивало во период кој според календарот треба да е летен и земјоделците би биле збунети кога да ги засадат растенијата.

Другите календари би имале свои начини за следење на времето. Еврејскиот календар, кој е регулиран од Месечината и Сонцето, е како голема загатка со 19-годишен циклус. Повремено се додава престапен месец за да се осигури дека посебните прослави се случуваат во вистинското време.

Исламскиот календар е уште поуникатен. Тој ги следи фазите на Месечината и во него не се додаваат дополнителни денови. Со оглед на тоа што лунарната година е долга само 355 дена, клучните датуми на исламскиот календар се поместуваат 10 до 11 дена порано секоја година на соларниот календар.

На пример, Рамазан се паѓа во деветтиот месец на исламскиот календар. Во 2024 година тој ќе трае од 11 март до 9 април, во 2025 година ќе биде од 1 до 29 март, а во 2026 година ќе се слави од 18 февруари до 19 март.

Автор: Багја Субрајан, Универзитет „Пердју“
Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука