X
 30.12.2022 Наука

Како се создал јулијанскиот, а како грегоријанскиот календар?

Четириесет и шестата година пред нашата ера била најдолгата во историјата бидејќи траела 445 дена. Тогаш, римскиот император Јулиј Цезар го повикал астрономот Сосиген од Александрија да го поправи римскиот календар.

Римјаните знаеле дека годината трае 6 часа подолго од 365 дена, но дотогаш користеле календар без престапни години. Затоа, се собрале вишок 67 дена, кои Сосиген ги додал во 46. година.

Потоа, тој вовел престапна година на секоја четврта година, кога годината има дополнителен ден. По овие реформи, наречени јулијански по Цезар, датумите на пролетната рамноденица одговарале на движењето на Сонцето. Подоцна биле воведени уште некои промени во календарот, а од владеењето на царот Константин месеците се делат во недели.

Со напредувањето на астрономијата било пресметано дека годината не трае 365 дена и 6 часа, туку 365 дена, 5 часа, 48 минути и 46 секунди. Затоа, од времето на Цезар до 1582 година се собрале 10 дена разлика.

Грегоријански календар

Прецизниот ден на пролетната рамноденица е пресуден за одредување на датумот за христијанскиот празник Велигден, па папата Грегориј 13 одлучил да го смени јулијанскиот календар. Реформата ја извршил математичарот Кристофер Клавијус, кој ја скратил 1582 година за десет дена. Освен тоа, наместо секоја четврта година да биде престапна, тој вовел секоја година на почетокот на векот да се прескокнува како престапна три пати, а секоја четиристота година да биде престапна.

Поради тоа, со вековите разликата помеѓу двата календари се зголемила на 13 дена. Но, десетте дена кои со одлуката на папата се исфрлиле од 1582 година останале единствени датуми што досега не се случиле. Оваа реформа не ја прифатиле само некои православни цркви, кои и понатаму го користат јулијанскиот календар, а тој досега доцни 13 дена.

Извор: National geographic
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука